Линкови за пристапност

Русија ги намалила нападите со тактички борбени авиони, вели Британија


Британското министерство за одбрана соопшти дека тоа најверојатно е резултат на континуираната висока закана од украинската противвоздушна одбрана и влошувањето на времето
Британското министерство за одбрана соопшти дека тоа најверојатно е резултат на континуираната висока закана од украинската противвоздушна одбрана и влошувањето на времето

Британското министерство за одбрана денес соопшти дека бројот на операции извршени од руски тактички борбени авиони над Украина „значително се намалил“ на веројатно „десетици мисии дневно, во споредба со максимум до 300 дневно“.

Министерството рече дека Русија изгубила над 60 авиони со фиксни крила.

Намалувањето на мисиите, рече Министерството, „веројатно е резултат на континуираната висока закана од украинската противвоздушна одбрана, ограничувањата на часовите на летање на располагање на руските авиони и влошувањето на времето“.

„Со оглед на тоа што руските тактики за копнени напади во голема мера се потпираат на визуелна идентификација и неводена муниција, руските воздухопловни сили веројатно ќе продолжат со ниска стапка на операции за копнени напади поради лошите зимски временски услови“, соопшти британското Министерство.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера рече дека Украина има нешто што Русија го нема.

„Ние го браниме нашиот дом и тоа ни дава најсилна можна мотивација. Се бориме за слобода и тоа секогаш ја умножува секоја сила. Ја браниме вистината и тоа го обединува целиот свет околу Украина“.

Украинскиот лидер исто така ги повика Украинците да си помагаат меѓусебно „да ја пребродат оваа зима“. Тој рече: „Ве молам, не прашувај дали можеш да помогнеш и како. Само помагај кога ќе видиш дека можеш“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека цената на западните санкции кон Русија секојдневно се зголемува, што ѝ отежнува на Москва да го надополни своето оружје за да ја унапреди тековната војна со Украина.

Со трговските контроли наметнати од САД и нивните сојузници, Блинкен рече дека Русија не може да ги увезе деловите што ѝ се потребни за да изгради повеќе оружје за да ги замени оние што биле уништени на боиштата во Украина или понекогаш напуштени, бидејќи силите на Москва се повлекле поради украинскиот напредок.

Највисокиот американски дипломат за Си-Ен-Ен изјави: „Трошоците се акумулираат секој ден. Товарот на Русија станува се` поголем секој ден“.

Тој рече дека западните сојузници постојано гледаат на различни начини за уште повеќе да ги заострат санкциите за да ја поткопаат руската економија и нејзините воени напори.

Блинкен ја обвини Русија дека „се обидува да ја вооружи зимата“ со нејзиниот налет на воздушни напади во последните недели насочени кон украинските снабдувања со електрична енергија и вода за да го поткопа моралот на украинскиот народ. „Ова е навистина варварско“.

Британското министерство за одбрана вели дека неодамнешната анкета покажува оти руската јавна поддршка за војната опаѓа.

Министерството соопшти дека 55 отсто од Русите се за мировни преговори со Украина, додека само 25 отсто велат дека поддржуваат продолжување на војната. Во април, околу 80 отсто од Русите беа пријавени дека ја поддржуваат инвазијата на Украина.

Во меѓувреме, шефот на руската енергија, вицепремиерот Александар Новак, вчера рече дека Москва нема да продава нафта што е предмет на ограничување на цената на Западот, дури и ако мора да го намали производството.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG