Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денес повика да биде формиран специјален суд кој ќе ги гони руските злосторства против Украина.
Фон дер Лајен предложи суд поддржан од Обединетите нации „да го истражи и гони руското злосторство и агресија“.
Таа, исто така, рече дека Русија и руските олигарси треба да ги платат трошоците за обнова на Украина од штетата што ја направија руските сили откако тие ја нападнаа Украина во февруари.
„Ужасните злосторства на Русија нема да останат неказнети“, рече фон дер Лајен.
Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, во вторникот изјави дека Украина еден ден ќе се приклучи на западната воена алијанса директно пркосејќи му на рускиот претседател Владимир Путин.
„Вратата на НАТО е отворена“, рече Столтенберг, обновувајќи ја заложбата за членство на Украина првпат направена во 2008 година. Тој истакна дека Северна Македонија и Црна Гора неодамна се приклучија на главниот воен сојуз и дека Шведска и Финска, исто така, ќе го сторат тоа наскоро.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен објави дека Соединетите Држави му испраќаат на Киев уште 53 милиони долари за поддршка на купувањето на критичната опрема за електричната мрежа.
Највисокиот американски дипломат рече дека опремата ќе биде испратена во Украина по итна основа и вклучува дистрибутивни трансформатори, прекинувачи, возила и друга клучна опрема.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс