САД велат дека повеќенеделните руски напади врз виталната инфраструктура за греење, електрична и вода на Украина, нема да ја намали решеноста на Западот да го поддржи Киев во неговата деветмесечна борба против инвазијата на Москва.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, по дводневниот самит на НАТО во Букурешт, Романија, на прес-конференција рече дека рускиот претседател Владимир Путин го фокусирал својот „оган и гнев“ против украинското цивилно население во пресрет на студените зимски месеци.
„Топлина, вода, струја - ова се новите цели на претседателот Путин. Тој силно ги погодува. Оваа брутализација на народот на Украина е варварска“, рече Блинкен.
Највисокиот американски дипломат го обвини Путин дека се обидува да ја подели западната коалиција која ја поддржува Украина, додека светските цени на енергијата растат, а Украинците се соочуваат со рутински, широко распространет прекин на електричната енергија.
„Оваа стратегија не функционира, и нема да работи“, рече Блинкен. „Ќе продолжиме да му докажуваме дека не е во право. Тоа е она што гласно и јасно го слушнав од секоја земја овде во Букурешт“.
Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен повика на специјален суд кој ќе ги гони руските злосторства против Украина.
Фон дер Лајен предложи суд поддржан од Обединетите нации „да го истражи и гони руското злосторство за агресија“.
Таа, исто така, рече дека Русија и руските олигарси треба да ги платат трошоците за обнова на Украина од штетата што ја направија руските сили откако тие ја нападнаа Украина во февруари.
„Ужасните злосторства на Русија нема да останат неказнети“, рече фон дер Лајен во Букурешт додека министрите за надворешни работи на НАТО разговараа за континуираната поддршка за Украина.
Шефот на НАТО Јенс Столтенберг, во вторникот изјави дека Украина еден ден ќе се приклучи на западната воена алијанса директно пркосејќи му на Путин.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес