Линкови за пристапност

Министрите на НАТО се фокусираат на обновата на енергетската инфраструктура во Украина


Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека очекува пораката од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Романија да биде дека сите сојузници треба да сторат повеќе кога станува збор да и помогнат на Украина да ја поправи оштетената инфраструктура и да и обезбеди на Украина поголема одбрана од руски воздушни напади.

Говорејќи пред почетокот на дводневните разговори во Букурешт, Столтенберг им рече на новинарите дека Украина се соочува со „огромна задача“ да го обнови она што го уништија руските ракетни напади.

„Испорачавме генератори и резервни делови, а сојузниците помагаат во обновата на уништената инфраструктура“, рече Столтенберг.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба треба да им се обрати на своите колеги од НАТО подоцна во вторник, а Столтенберг рече дека очекува Кулеба да ја подигне потребата од сојузниците на Украина да направат уште повеќе за да им помогнат на напорите за обнова на земјата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека руските трупи подготвуваат нови напади и се состана со високи владини претставници за да разговараат какви дејствија да преземат.

Украина во понеделникот соопшти дека била принудена да воведе редовни итни прекини на електрична енергија во областите низ земјата по неуспехот во нејзината трка за поправка на енергетската инфраструктура погодена од руски ракетни напади.

Во своето ноќно видео обраќање во понеделникот, Зеленски рече дека Русија го гранатирала Керсон и другите заедници во регионот. За една недела, рече Зеленски, Русија „испукала 258 пати врз 30 населени места во нашиот регион Керсон“.

Тој исто така рече дека руските сили ја оштетиле пумпната станица која го снабдувала со вода Миколаев.

Зеленски рече дека единственото нешто за што се способни руските сили е да нанесуваат пустош врз цивилите и цивилната инфраструктура.

„Тоа е сè што оставаат зад себе“, рече тој. Русите „се одмаздуваат за фактот што Украинците се бранеа од нив“.

Некои материјали за овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.

XS
SM
MD
LG