Агресијата врз Украина и начините како да се стави крај на воените дејства, за ова, меѓу другото во Анкара разговараа шефовите на турската и македонската дипломатија. Посетата на Бујар Османи се случува во турбулентен период за овој дел од Европа, не само поради ситуацијата во Украина, можните ефекти врз стабилнсота на Западен Балкан, туку и поради искричењето во турско-грчките односи поради тензии околу дел од егејските острови. Сепак, главната тема е како Москва и Киев да седнат на преговарачка маса – иницијативата за посредување ја предводи токму Турција.
„Состојбите со кои се соочуваме во моментот бараат од нас многу мудрост, разбирање и хуманост. Страдањето на цивилите како резултат на руската агресија врз Украина мора итно да престанат. Го живееме 21 век и младите генерации не треба да гледаат чекори кои се во спротивност со елементарните цивилизациски вредности. Позицијата на Северна Mакедонија во однос на ова прашање е позната. Ги поздравуваме напорите на Турција за посредување за надминување на војната.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Неговиот домаќин не соопшти други детали од турската иницијатива за посредување и ставање крај на конфликтот. Шефот на турската дипломатија само кусо потврди дека Украина била тема на разговорите. Но, Чавушоглу, кој идната недела ќе допатува во Северна Македонија за да присуствува на Преспа форумот, беше јасен во делот на турските очекувања околу организацијата која ја предводи Фетула Ѓулен, човекот кој Анкара го смета за „државен непријател број еден“.
„Зборувавме и за војната во Украина. Ги изразивме нашите очекувања за борба против теористичката организација ФЕТО. Северна Македонија во еден тежок период ќе го преземе претседавањето со ОБСЕ, ќе и ја пружиме сета поддршка за време на нејзиното претседавање. “, изјави Мевљут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.
Нема информација дали на состанокот станало збор и за ситуацијата по одбивањето на Северна Македонија заедно со Бугарија и Црна Гора да дозволат прелет на авионот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој требаше да допатува во Белград. Ваквиот потег Москва го карактеризираше како „политика на двојни стандарди и одлука без преседан“. Американскиот Стејт департмент, пак, смета дека трите земји „донеле суверени одлуки за воздушниот простор, што ја одразува решеноста на Европа да ја повика Русија на одговорност поради инвазијата на Украина“.