Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржа Стратешки дијалог со САД, што претставува пресвртница во унапредување на односите меѓу двата сојузници, коментираше министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи по разговорите со државниот секретар Антони Блинкен во Стејт департментот.
Глас на Америка: Зошто е важен овој стратешки дијалог со САД со оглед дека Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан?
Бујар Османи: Тоа не е случајно. Тоа е признавање на успесите на државата, но и посветеноста кон евроатлантските вредности. Токму затоа, Северна Македонија го започна овој стратешки дијалог, како прва во регионот со што го издигнавме на уште едно повисоко ниво, после 15 годни стратешко партнерство, после две години сојузништво во НАТО. Од денес, почнуваме ново поглавје.
Глас на Америка: Што е договорено?
Бујар Османи: Ова е само почетокот. Тука не завршуваме. Денеска го ставивме во рамка нашиот дијалог, со што внесовме нова динамика, нов интензитет, но и предвидливост во процесот. Се надевам дека ова ќе бидат годишни состаноци, меѓу Стејт департментот и Министерството за надворешни работи.
Глас на Америка: Дали има стравувања за стабилноста на регионот со новите геополитички поместувања предизвикани од војната во Украина?
Му предочив на државниот секретар Антони Блинкен дека регионот е во критична точка и бара поголема посветеност за да се зачуваат успесите во регионот.Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија
Бујар Османи: Му предочив на државниот секретар Антони Блинкен дека регионот е во критична точка и бара поголема посветеност за да се зачуваат успесите во регионот. А, регионот постигна многу и тоа токму преку американска инвестиција на политички капитал во последните 30 години.
Глас на Америка: Што велат од Стејт департментот за чувствителни отворени прашања во регионот, како на пример, македонско-бугарските разлики меѓу Софија и Скопје и можноста за отворање на вратата за понатамошно руско влијание?
Бујар Османи: Позади секој политички успех на Северна Македонија во последните 30 години има печат на САД. Таа посветеност и гаранција ја добивме и денес дека САД ќе бидат тука, за стабилноста на овој регион, за прогресот на регионот, особено на Северна Македонија. Западен Балкан е едно ранливо подрачје, и има многу отворени прашања. Последниот гео-политичкиот развој на состојбите, по руската агресија, уште повеќе ги влошува тие односи. Оттука, има поголема потреба за присутност, и заедничка соработка. Тука е ѝ нашето отворено прашање, застојот во европската перспектива, сето тоа дополнително доведува до ранливост на регионот. Затоа е потребно стратешко лидерство.
Глас на Америка: Дали сметате дека е потребно вклучувањето на Вашингтон во олеснувањето на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија?
Секогаш е потребен ангажман на САД за продолжување на позитивниот развој на самиот регион.Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија
Бујар Османи: Секогаш е потребен ангажман на САД за продолжување на позитивниот развој на самиот регион. И онака САД учествуваат и помагаат во овој процес, но се надевам дека ќе имаат важна улога и понатаму, за да се затвори ова прашање кое што очигледно не ги оптоварува само нашите односи, нашите внатрешни динамики, туку целиот регион и самата безбедносна околност.
Глас на Америка: Има ли план Б, Северна Македонија ако пак во јуни има вето од Софија за почеток на преговори?
Бујар Османи: Нема Б опција за евро-атлантскиот курс на Северна Македонија.