Линкови за пристапност

НАТО се надева дека Украина ќе победи во војната со Русија


United States Ambassador to NATO Julianne Smith
United States Ambassador to NATO Julianne Smith

Најзаслужните поддржувачи на Украина на Запад ветуваат дека нема да се прекине поддршката, и покрај се пожестоките реакции од руските официјални лица.

Постојаниот претставник на САД во НАТО во средата во Вашингтон изјави дека неодамнешните руски придобивки во источна Украина не ја разнишале решителноста на алијансата, при што членките продолжуваат да веруваат во силите на Киев.

„Колективно во НАТО, се надеваме и веруваме дека Украина на крајот ќе надвладее“, рече Џулијан Смит за Defence Writers Group.

„Нивото на почит што го гледате во Алијансата за украинските сили во моментов е доста високо“, додаде Смит. „Гледаме моменти кога руските сили напредуваат, но гледаме моменти и кога украинските сили успешно ќе ја потиснат руската армија“.

Коментарите на Смит доаѓаат еден ден откако Вашингтон објави дека ќе испрати понапредни системи за оружје во Украина, вклучително и артилериски ракетен системи за висока подвижност М142 познати како HIMARS.

Американскиот претседател Џо Бајден ја бранеше одлуката во Њујорк Тајмс доцна во вторникот, велејќи дека напредните ракетни системи ќе и помогнат на Украина „попрецизно да ги погоди клучните цели на бојното поле“.

Украинските власти со недели бараа такви системи, велејќи дека тие се потребни за да се спротивстават на руската артилерија што ѝ овозможи на Москва да дојде до регионот Донбас.

Русија денеска ја критикуваше одлуката на САД, обвинувајќи го Вашингтон за ескалација на тензиите.

„Веруваме дека Соединетите Држави намерно додаваат масло на огнот“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за време на посетата на Саудиска Арабија во средата, дополнително го нарече потегот „директна провокација, чија цел е да го вклучи Западот во воена акција“.

Амбасадорката на САД во НАТО ја отфрли ваквата загриженост.

Воената помош на САД за Украина „сето тоа еволуираше и се промени во последните неколку месеци, мислам, сосема природно“, рече Смит, додавајќи дека пораката до Киев за параметрите за таа помош „останале релативно јасни“.

„Не сме во позиција да ве поддржиме со опрема што може да ја нападне руската територија“. рече таа.

Одделно, Смит ги поздрави предлозите на Турција кон Русија за да помогне во создавањето на патот кон мировните разговори воопшто и преговорите насочени кон ставање крај на руската блокада на украинското пристаниште Одеса, што ја спречи испораката на потребното жито.

„Ние сме скептични дека во овој момент тоа ќе доведе до некој вид голем пробив“. „Нема индикации дека Русија сериозно сфаќа нешто од ова или преговара со добра волја“, рече таа.

(Во овој извештај беа искористени некои информации од Ројтерс.)

XS
SM
MD
LG