Американскиот претседателот Џо Бајден ја објави својата намера да номинира шестмина нови амбасадори на САД, меѓу кои и Анџела Прајс Агелер, како кандидат за вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Северна Македонија, соопшти Белата куќа.
Доколку предлогот на Бајден биде одобрен во Конгресот, Прајс Агелер ќе ја наследи досегашната амбасадорка на САД Кејт Мери Брнз.
Ова не е прв ангажман на Агелер во Македонија, бидејќи претходно во нејзината дипломатска кариера таа била ангажирана и како претставник за односи со јавноста во Американската амбасада во Скопје.
Во официјалното соопштение објавено на веб страната на Белата куќа се посочува дека Прајс Агелер е дипломат од кариера со функција министер-советник вработена во Службата за надворешни работи на Стејт департментот, која досега беше заменик-шеф на Мисијата во Амбасадата на САД во Пакистан.
Претходно, таа била задолжена за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Париз, в.д. заменик помошник државен секретар во Бирото за Јужна и Централна Азија и во Канцеларијата на специјалниот претставник за Авганистан и Пакистан во Вашингтон, како и заменик помошник државен секретар за печат и јавна дипломатија.
Меѓу нејзините претходни ангажмани се и советник за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Пакистан, аташе за култура и печат во американската Амбасада во Виетнам, портпарол на Бирото за конзуларни прашања на Стејт департментот, а извршувала и повеќе должности во амбасадите на САД во Франција и во Индија.
Агелер е добитник на бројни награди на Стејт департментот, вклучувајќи ја и Наградата за помошник секретар за извонредни остварувања, како и на Наградата „Милдред Синклер“. Дипломирала на Универзитетот во Јута, а зборува француски, македонски и делумно хинду јазик.