Демократскиот сенатор Крис Марфи соопшти дека му кажал на бугарскиот премиер Кирил Петков Бугарија да го откочи патот на Скопје кон Европската Унија, за време на вчерашната средба во Вашингтон.
„Разговаравме и за важноста од напредок на билатералните разговори со Северна Македонија за деблокирање на патот на Скопје кон членство во Европската Унија. Членството на Северна Македонија на крајот е во интерес на Бугарија и јас јасно ја ставив до знаење поддршката на САД за заклучок кој обезбедува пат напред“, се вели во соопштението од канцеларијата на Марфи.
Сенаторот вчера на социјалните медиуми објави дека со бугарскиот премиер разговарале за енергетска поддршка, со цел да се стави крај на зависноста на Бугарија од руските гас и нафта.
И државниот секретар на САД Ентони Блинкен за време на вчерашната виртуелна средба со бугарскиот премиер Кирил Петков ја истакнал „важноста од брз пристап во ЕУ за квалификуваните аспиранти“.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс соопшти дека двајцата лидери ја потврдиле заедничката визија за трансатлантските односи.
Прајс во соопштението вели и дека „секретарот Блинкен ја нагласи важноста на обединетиот одговор на НАТО и на САД-ЕУ кон неоправданата и неиспровоцирана инвазија на Русија на Украина и рече дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат модернизација на одбраната и приоритетите на енергетската безбедност на Бугарија“.
Петков напиша на Твитер дека со Блинкен разговарале за зголемување на соработката и диверзификацијата на енергетските извори.
„Бугарија и САД се сојузници и стратешки партнери и енергетската соработка ќе допринесе за зголемување на енергетската безбедност и диверзификација во регионот“, напиша Петков.