Претседателот на САД Џо Бајден рече дека одлучил да ѝ обезбеди на Украина „понапредни ракетни системи и муниција“ како дел од напорите да ѝ помогнат на украинската борба против руската инвазија, која сега е во четвртиот месец.
Бајден во колумна за „Њујорк тајмс“ напиша дека САД ѝ помогнале на Украина со оружје и муниција со цел да ја зајакнат нејзината позиција на бојното поле и во мировните преговори со Русија.
„Неиспровоцираната агресија, бомбардирањето на породилиштата и центрите на културата и принудното раселување на милиони луѓе ја прават војната во Украина длабок морален проблем“, рече Бајден.
Одлуката за испраќање понапредно оружје следи по претходното колебање од страна на администрацијата на Бајден. Самиот Бајден во понеделникот рече дека САД нема да испратат ракети „што можат да ја нападнат Русија“.
Асошиетед прес цитираше високи претставници на администрацијата дека новиот пакет оружје вклучува ракети со среден дострел кои можат да патуваат околу 70 километри.
Официјалните лица, исто така, рекоа дека Украина дала гаранции дека нејзините сили нема да истрелаат ракети на руска територија.
Бајден вчера напиша дека не бара војна со Русија.
„Се` додека САД или нашите сојузници не бидат нападнати, ние нема да бидеме директно вклучени во овој конфликт, ниту со испраќање американски војници да се борат во Украина ниту со напад на руските сили. Ние не ја охрабруваме или овозможуваме Украина да нападне надвор од нејзините граници“.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, за новинарите вчера изјави дека Русија има негативен став за испораката на американско оружје во Украина, додавајќи дека тоа не го охрабрува обновувањето на мировните преговори.
„САД очигледно ја држат позицијата дека ќе се борат против Русија до последниот Украинец“, рече Песков.
Генералштабот на Украина вчера извести дека руските сили ја напаѓаат инфраструктурата во областите на источна и јужна Украина, вклучително и во градот Северодоњецк, кој е клучен за обидот на Русија да го заземе регионот на Донбас.