Линкови за пристапност

Осудени двајца руски војници поради гранатирање украински цивили


Украинскиот суд денеска осуди двајца руски војници на 11 и пол години затвор, откако минатата недела се изјаснија за виновни за неселективно гранатирање цивилни цели во регионот Харков, преку границата со Русија.

Александар Бобикин и Александар Иванов ја слушнаа пресудата во окружниот суд Котелевска во централна Украина.

„Вината на Бобикин и Иванов е докажана во целост“, рече судијата Евхен Болибок.

Обвинителите побараа 12-годишни казни за руските војници во вториот случај за воени злосторства што го покренаа украинските власти. Адвокатите на одбраната рекоа дека казните треба да бидат осум години бидејќи двајцата се изјасниле за виновни, изразиле каење и тврделе дека ги следеле наредбите кога истрелале проектили врз цели од руската област Белгород.

Откако им беше изречена казната, двајцата беа прашани дали сметаат дека нивните казни се праведни и двајцата дадоа потврден одговор.

Бобикин и Иванов беа заробени откако ја преминале границата и продолжиле со гранатирањето.

Минатата недела руски војник беше осуден на доживотна казна затвор за убиство на невооружен цивил.

Украина ја обвини Русија дека извршила илјадници воени злосторства за време на војната во изминатите три месеци, иако Москва негира.

(Некои материјали во овој извештај се од Ројтерс и агенцијата Франс прес.)

XS
SM
MD
LG