Џон Стенмаер е фотограф на „Нешнл џиографик“. Видел многу човекови трагедии низ светот. До неодамна беше и во Украина, каде стана сведок на масовниот бегалски егзодус. Вели дека човекот не ја научил лекцијата од војните.
„Се чудам како човештвото не ја согледа својата темна страна. Со години гледам како се повторуваат страдањата од војните“. Ова го вели Џон Стенмаер, американски фотограф кој 20 години соработува со „Нешнл Џиографик“.
„Војната ја гледам како човекова слабост и многу темна, несреќна страна на човештвото. Ја имам видено многу често, на многу места“, вели Стенмаер.
До неодамна бил Украина, каде отишол веднаш после почетокот на руската инвазија. Не очекувал дека ќе стане сведок на масовен бегалски егзодус.
Секој од нас, и јас самиот апсолутно би го покажале и би го почувствувале, кога мора да се остави сè зад себеСтенмаер, фотограф
„Во двонеделниот секојдневен престој на железничката станица во Лавов, во првите три или четири дена, како што споменав, почнав да се гледам самиот себе и почнав да разбирам зошто сум таму. Тоа беше тој поглед, таа тотална потиштеност од загубата и од непознатото. Секој од нас, и јас самиот апсолутно би го покажале и би го почувствувале, кога мора да се остави сè зад себе“, коментира овој фотограф на „Нешнл џиографик.
Преку фотографиите сака да му укаже на светот за трагедијата со која глобално се соочуваат бегалците. На таа тема е и неговиот кус документарен филм „Војна, низ прозорците од возовите“.
„Осумдесет милиони луѓе на нашата планета денес се раселени од местата каде што живеат, каде што се нивните домови. Од нив, повеќе од 27 милиони се бегалци, кои живеат на други делови од Земјата, далеку од земјата што ја познаваат. Го напуштате сето тоа што некогаш сте го познавале и разбирале. Заминувате во целосно друг универзум“, вели Стенмаер.
Укажува и дека не смее да се дозволи затскривање на злосторствата врз цивилите: „Русија, како што знаете, ги негира фотографиите од Буча од телата, од кои некои се јасно документирани со врзани раце одзади.. Масовните гробници... Велат дека сето тоа било лажно. Мој Боже! Како воопшто би можеле да го прифатиме тоа? Не се согласувам со тоа. Не го прифаќам. Но, секако, може да си сонуваш за какво било сценарио сакаш. Вистината, неоспорната вистина, секогаш ќе излезе на површина“.
Притоа, на колегите им посочува да се држат до точните информации.
„Работиме во медиум, во уметност на неоспорната вистина. Таквиот наратив треба да биде вашата суштина“, вели Стенмаер.
Треба да сум таму, да одам повторно. Исто како што правам со секоја приказна, исто како и на моето последно патување во Украина. Само да се биде таму и да се почувствува наративот.Стенмаер, фотограф
Тој е решен да се врати во Украина. Вели дека тоа го чувствува како сопствена одговорност. кон луѓето што страдаат: „Треба да сум таму, да одам повторно. Исто како што правам со секоја приказна, исто како и на моето последно патување во Украина. Само да се биде таму и да се почувствува наративот. Потоа самото ќе си дојде. Секогаш доаѓа. Сакам да бидам отворен кон големината на таа можност, што самата од себе природно ќе се прикаже како причина зошто сум се вратил таму“, вели Стенмаер за Гласот на Америка.