Во годишниот извештај за одбрана на слободата на печатот во време на напнатост и конфликт во 2022-ра, што го објави платформата на Советот на Европа за промовирање на заштитата на новинарите се анализира инвазијата врз Украина од страна на Руската Федерација и нејзиното влијание врз слободата на медиумите.
Овој извештај е финализиран во сенка на инвазијата на Русија врз Украина на 24 февруари, при што се нагласува дека војната имала драматични последици врз слободата на печатот и медиумите.
Во извештајот се потсетува дека руските власти наметнаа драконски правила за цензура, без оглед на основните заштитни мерки за слобода на говорот и правото на јавноста да биде информирана, кои се неопходни во демократските држави.
На 4 март, Думата (Долниот дом на Федералното собрание на Русија) усвои нов закон што го прави кривично дело за руските новинари да известуваат за инвазијата и широко распространето уништување и загуба на цивилни животи, освен користење на одобрената реторика на руската државна пропаганда, се наведува во извештајот.
Воведен е нов oрвеловски „закон“, кој забранува секаква референца за „војна“, „инвазија“ и „агресија“. Потребно е медиумските извештаи да ги користат само наметнатите термини како „специјална воена операција“ за да го опишат масовното руско распоредување тешко оружје и преку 150.000 војници во Украина. Новинарите кои отстапуваат од овие директиви или обвинети за намерно објавување на она што се смета за „лажна“ информација, или повикување на санкции против Русија, се подложени на затворски казни до 15 години.
Во извештајот се наведува дека законот подеднакво важи и за оние кои учествуваат во улични протести и објавување на социјалните мрежи. „По години сè построги ограничувања според произволни закони, последните преостанати независни медиуми во Русија беа ефективно замолчени, а многу новинари избраа да ја напуштат земјата за да избегаат од репресијата и да ја продолжат својата работа под послободно небо“, се вели во извештајот.
Многу странски новински организации ги стопираа или ги ограничија своите информативни операции за да го заштитат својот персонал на терен.
Понатаму се наведува дека некои медиуми, вклучително и Њујорк Тајмс, ги повлекоа своите новинари од земјата поради несигурноста и ризиците создадени со новиот закон. Руски медиумски регулатор „Роскомнадзор“ побара од медиумите да објавуваат само официјални владини извештаи за инвазијата и текот на војната и се закани дека ќе ги блокира нив и нивните веб-страници доколку не ги почитуваат.
Меѓународните платформи за социјални медиуми, како Фејсбук или Твитер се целосно или делумно блокирани од Кремљ.
Во обновувањето на практиките на државна цензура во годините од времето на Студената војна, пристапот до веб-страниците на странските радиодифузери (Би-Би-Си, Гласот на Америка, Радио Слободна Европа и Дојче веле) е блокиран поради „нивното намерно и систематско ширење на материјали кои содржат лажни информации.“, алармира новиот извештај од Советот за Европа за состојбата со медиумската слика во Русија.
Како реакција, Би-Би-Си повторно ги започна своите радио-сервиси со кратки бранови во Украина и Русија „за да се осигура дека цивилите во двете земји можат да пристапат до вестите за време на инвазијата“. –
Руските медиуми во сопственост или државно-пријателски медиуми претставуваат форма на „алтернативна вистина“ на војната во Украина. Се состои од целосно санирана верзија која исклучува какво било спомнување на напади врз цивили и цивилна инфраструктура, се потенцира во годишниот извештај за одбрана на слободата на печатот во време на напнатост и конфликт во 2022-ра од Советот на Европа.