Линкови за пристапност

Северна Македонија ќе добие помош од САД да ги надополни НАТО капацитетите


САД ќе обезбедат над 713 милиони долари помош за воено финансирање за Украина и 15 други држави во Централна и Источна Европа и на Балканот, меѓу кои и за Северна Македонија, изјави Стејт департментот за Гласот на Америка на албански јазик.

Стејт департментот за ова го известил Конгресот на САД.

„Поддршката ќе им помогне на сојузниците на НАТО да ги надополнат капацитетите што ѝ ги донираа на Украина од нивните сопствени залихи за да го задржат и зајакнат одвраќањето на НАТО. Повеќе од 322 милиони долари од овие средства се за Украина и дополнително ќе ја подобрат нејзината способност да се брани во војната со Русија“, се вели во изјавата на портпарол на Стејт департментот, во која се додава дека 35 милиони долари од парите се наменети за помош на Грузија.

Остатокот од 713 милиони долари се предвидени за одбранбени обуки, вежби и услуги во Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Латвија, Литванија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Словенија и други држави во европскиот регион.

Балканот беше наведен меѓу примателите на ново воено финансирање од САД, по вчерашната посетата на Украина на државниот секретар Ентони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин.

XS
SM
MD
LG