Линкови за пристапност

Русија ја запре доставата на гас за Полска и Бугарија


Рускиот Газпром во средата ја прекина испораката на гас за Полска и Бугарија, што е најнов чекор во економската битка поврзана со руската инвазија на Украина.

Русија бара од европските земји, од кои многу се потпираат на Москва за големи делови од енергетските резерви, да плаќаат за природен гас во руската валута - рубљата. „Газпром“ во средата соопшти дека Полска и Бугарија не го сториле тоа и затоа ќе им биде прекината испораката на гас.

Полските и бугарските официјални лица рекоа дека потегот на „Газпром“ претставува прекршување на договорот. Голем број членки на Европската унија се заложија да ја намалат или елиминираат нивната зависност од руската енергија, вклучително и со барање други извори и зајакнување на нивната употреба на обновливи извори на енергија.

Во друг економски развој, американскиот државен обвинител Мерик Гарланд му рече на Конгресот во вторникот дека ја поддржува легислативата што ќе дозволи запленетите руски средства да се префрлат „директно во Украина“.

САД и нивните сојузници во вторникот сигнализираа дека се движат брзо и моќно за да ги поддржат украинските сили и да го ескалираат притисокот врз руската економија. На САД најпрво им беа „потребни недели“ за да пренесат воена опрема и муниција во Украина, изјави државниот секретар Антони Блинкен пред комисијата за надворешни односи на Сенатот, но сега, често, им испраќа ново вооружување на Украинците во рок од три дена.

Германската влада соопшти дека за прв пат ќе испрати артилериско оружје во Украина.

Остин, на состанокот во американската воздухопловна база во Германија со официјални претставници од 40 земји, вклучително и членки на НАТО, рече дека рускиот претседател Владимир Путин „никогаш не замислувал дека целиот свет ќе се собере зад Украина толку брзо и сигурно“.

„Секој ден гледаме поголема поддршка“ за борба против руската инвазија, рече тој во вторникот. „Немаме време за губење. Мораме да се движиме со брзина на војната“, изјави Остин.

Белата куќа соопшти дека одлуката на Германија сигнализира единство без преседан наспроти руската агресија.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш се состана во вторникот во Москва со Путин и Лавров во обид да посредува за договор за прекин на огнот, иако Русија започна нови напади врз источна и јужна Украина. Гутереш потоа се упати кон Украина, застанувајќи прво во Полска за да се сретне со претседателот во град долж украинската граница што се користи како база за американските војници и хуманитарните напори. За време на двочасовната средба со Гутереш во руската престолнина, Путин „во принцип“ се согласи да им дозволи на ОН и на Меѓународниот комитет на Црвениот крст да помогнат во евакуацијата на цивилите од фабриката за железо и челик Азовстал во Мариупол, рече Стефан Дужарик, портпарол на Гутереш.

Првиот човек на ОН рече дека иако Русија и ОН имаат „различно толкување на она што се случува во Украина“, сепак, постои можност за сериозен разговор за работа на минимизирање на страдањата и „завршување на војната што е можно поскоро“.

Гутереш рече дека сака дополнително да се осврне на пошироките влијанија на конфликтот врз најранливите популации во светот во услови на зголемени цени на храната и енергијата.

Лавров ја поздрави желбата на Гутереш и на ОН за дијалог, истовремено обвинувајќи ги западните влади дека ги прекршуваат принципите на мултилатерализам и наместо тоа преземаат унилатерален пристап кон светот. „Целите на Русија се првенствено да го заштити цивилното население и тука сме подготвени да соработуваме со нашите колеги од ОН за да ги ублажиме маките на цивилното население“, рече Лавров.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека американските дипломати презеле конкретни чекори за повторно воспоставување на американското дипломатско присуство во Украина. „Можам да потврдам дека заменик-шефот на мисијата и членовите на тимот на амбасадата денеска отпатуваа во Лавов, Украина, каде што можеа да ја продолжат нашата блиска соработка со клучните украински партнери“, рече тој.

XS
SM
MD
LG