Линкови за пристапност

Путин прогласи победа во Мариупол; Зеленски бара 7 милијарди долари месечно за војната против Русија


Рускиот претседател Владимир Путин го прогласи опколениот украински пристанишен град Мариупол за „ослободен“, по речиси два месеци борби, иако руските сили не беа во можност да влезат во огромната градска фабрика за челик Азовстал, која останува во рацете на украинските борци и цивили.

Наместо да упадне во фабриката, Путин нареди блокада на објектот, затворајќи го „за да не прелета ни мува“, тактика што набљудувачите веруваат дека ќе ги спаси животите на руските војници и веројатно ќе ги изгладне борците и цивилите внатре.

Во меѓувреме, украинските власти велат дека се појавиле докази за масовни гробници надвор од Мариупол. Фотографиите од Maxar Technologies, американска компанија за сателитски снимки, се чини дека покажуваат слики од најмалку 200 нови гробници во градот Манхуш.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави пред Светската банка во четвртокот дека на неговата земја и се потребни дури 7 милијарди долари месечно за поддршка и дека ќе и требаат стотици милијарди за да се оправи од инвазијата на Русија.

Американскиот претседател Џо Бајден овласти уште 800 милиони долари американска воена помош за Украина во четвртокот, изјавувајќи дека е неопходно да им се помогне на силите на Киев да ги одбијат руските борци во критичните битки што се одвиваат во источниот регион на земјата.

„Овој пакет вклучува тешко артилериско оружје, десетици хаубици и 144.000 парчиња муниција“, рече Бајден во краткиот говор во Белата куќа.

Бајден рече дека новата помош, покрај уште еден пакет од 800 милиони долари објавен минатата недела, „речиси“ го исцрпува овластувањето на Конгресот за американска воена помош за Украина. Но, претседателот рече дека наскоро ќе побара од Конгресот уште повеќе пари за украинските сили.

Бајден рече дека САД и нивните западни сојузници остануваат обединети во нивната решеност да и помогнат на Украина во борбата против осумнеделната инвазија на рускиот претседател Владимир Путин.

XS
SM
MD
LG