Линкови за пристапност

Никој не може да победи во нуклеарна војна, рече секретарот за одбрана Остин


Секретарот за одбрана на САД го критикуваше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за сугерирањето дека војната во Украина може да еволуира во нуклеарен конфликт меѓу Русија и Западот
Секретарот за одбрана на САД го критикуваше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за сугерирањето дека војната во Украина може да еволуира во нуклеарен конфликт меѓу Русија и Западот

Секретарот за одбрана на САД Лојд Остин, на состанокот во американската воздухопловна база во Германија со официјални претставници од 40 земји на НАТО и други нации, рече дека рускиот претседател Владимир Путин „никогаш не замислувал дека целиот свет ќе се собере зад Украина толку брзо и сигурно“.

„Секој ден гледаме поголема поддршка за борба против руската инвазија“, рече тој денес и додаде: „Немаме време за губење. Мораме да се движиме со брзина на војната“.

Остин рече дека сојузниците кои ја поддржуваат Украина ќе се состануваат месечно за да ја координираат понатамошната помош.

При отворањето на разговорите, тој рече дека целта е и „да ѝ се помогне на Украина да победи во борбата против неправедната инвазија на Русија и да помогне во изградбата на Украина за утрешните предизвици“.

Тој го критикуваше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за сугерирањето дека војната во Украина може да прерасне во нуклеарен конфликт меѓу Русија и Западот.

„Ние сигурно ќе сториме се` што е во наша моќ за да се осигураме дека нема да излезе од контрола“, рече Остин, велејќи дека „никој не сака да види нуклеарна војна. Никој не може да ја добие“.

Барањето на Остин до сојузниците за поголема помош за Украина дојде еден ден откако тој рече дека целта на САД во поддршката на Украина е да ја остават Русија со „ослабена“ војска.

Тој ги опиша руските жртви досега како „прилично значителни“, при што некои воени аналитичари велат дека Москва можеби веќе претрпела смрт на околу 20.000 војници.

Москва го обвини Западот дека спроведува прокси војна против Русија со испраќање на повеќе муниција во Украина и предупреди на „значителен“ ризик борбите да прераснат во нуклеарен конфликт.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, денес беше во Москва на средби со рускиот претседател Владимир Путин и Лавров за да се обиде да посредува за прекин на огнот, иако Русија започна нови напади врз источна и јужна Украина.

XS
SM
MD
LG