Линкови за пристапност

Русија тврди дека спречила „убиство“ на новинар


Москва, АФП - Москва во понеделникот соопшти дека уапсила членови на „неонацистичка терористичка“ група во Русија, кои наводно планирале да го убијат ТВ водителот Владимир Соловјов по наредба од Украина.

„Истражниот комитет на Руската Федерација уапси група членови на неонацистичката терористичка организација „Националсоцијализам/Бела моќ“, која е забранета во Русија“, се вели во соопштението на руската безбедносна агенција ФСБ, пренесена од новинските агенции, додавајќи дека уапсените се руски државјани.

ФСБ тврди дека групата го планирала „убиството“ на рускиот ТВ и радио новинар Соловјов „по инструкции на Службата за безбедност на Украина“.

Се додава дека групата „признала дека го подготвувала убиството на Соловјов, по што планирале да побегнат во странство“.

Според ФСБ, при претрес на домовите на уапсените биле пронајдени „лажни“ украински пасоши, оружје, дрога и импровизирана експлозивна направа.

Говорејќи на состанокот на руските обвинители, претседателот Владимир Путин посочи дека Вашингтон е вмешан во планирањето на „убиството на познатиот руски ТВ новинар“, без да го именува.

„Тие прибегнаа кон терор! Подготвувајќи ги убиствата на нашите новинари. По име ги знаеме кураторите на западните тајни служби, првенствено, се разбира, од ЦИА, кои соработуваат со безбедносните агенции на Украина“, рече Путин во телевизиската изјава.

„Очигледно тие даваат таков совет (да убиваат новинари). Толку од нивниот однос кон правата на новинарите и човековите права воопшто“, додаде Путин.

Соловјов кој е силен поддржувач на Путин и руската воена кампања во Украина, е под санкции на ЕУ поради ширење државна „пропаганда“.

XS
SM
MD
LG