Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии на Северна Македонија Фатмир Бесими, учествуваа на Пролетните средби на Светската банка и ММФ во Вашингтон.
Првите луѓе на финансиско-монетарниот сектор на Северна Македонија, Бесими и Ангеловска – Бежоска, конечно, наместо на виртуелни, поради пандемијата, по две години, присуствуваа на пролетните средби во ММФ и Светската банка во Вашингтон. Со виши претставници од меѓународните финансиски институции ги утврдуваа насоките за идниот раст на македонската економија во време на глобална неизвесност поради пандемијата, растечката инфлација и војната во Украина.
Глас на Америка: Конечно, наместо виртуелни, поради пандемијата, по две години, Пролетни средби во ММФ и Светската банка во Вашингтон. Какви се најновите проекции за Северна Македонија, гувернерке?
Во однос на бројките за нашата економија, исто така се прави надолна ревизија од 4,2 проценти на 3,2 отсто за оваа година, а за наредната 2,7 отсто. Овие бројки се слични и со регионот на Западен Балкан.Ангеловска-Бежоска, НБРМ
Анита Ангеловска-Бежоска: ММФ ги објави најновите проекции со кои се обидува да ги процени економските ефекти од војната во Украина. Во тој контекст, се прави надолна ревизија, и таа се очекува кај сите земји, вклучително и за Македонија. Глобалниот економски раст по солидната стапка на раст од 6,1 отсто лани, оваа и наредната се предвидува на 3,6 отсто, што е значајно успорување. Во однос на бројките за нашата економија, исто така се прави надолна ревизија од 4,2 проценти на 3,2 отсто за оваа година, а за наредната 2,7 отсто. Овие бројки се слични и со регионот на Западен Балкан.
Глас на Америка: Со оглед на војната во Украина, може ли да се очекува дека македонската економија ќе ги достигне проекциите за раст или Народната банка ќе излезе со корекција на проекциите?
Анита Ангеловска-Бежоска: Во тек се макроекономски проекции, коишто ги изготвува Централната банка. Ние со последниот сет на макроекономски проекции, коишто датираат од октомври минатата година, очекувавме раст од 3,9 отсто за оваа година, но со оглед на новонастанатиот шок и ризиците поврзани со тоа, тековно работиме на нови проекции, и постои голема веројатност дека ќе има надолна ревизија.
Глас на Америка: Банкарскиот сектор се покажа како отпорен во периодот со пандемијата и дека е стабилен и во време на актуелната војна во Украина. Уверувате дека и сега е стабилен и подготвен да одговори на предизвиците што произлегуваат од руско-украинскиот конфликт. Колку домашните банки имаат капацитет да одговорат на потребите на компаниите и граѓаните?
Кредитниот раст изнесува 9 проценти, при што кредитната поддршка на корпоративниот сектор е 10 отсто, а на населението некаде околу 8 проценти.Ангеловска-Бежоска, гувернерка на НБРМ
Анита Ангеловска-Бежоска: Банкарскиот сектор има доволен капацитет, и да ја задржи својата стабилност и да му помогне на економскиот сектор за полесно да се справи со последиците од овој шок. Кредитниот раст изнесува 9 проценти, при што кредитната поддршка на корпоративниот сектор е 10 отсто, а на населението некаде околу 8 проценти. Важно е во вакви ситуации кога глобалната и домашната економија се соочуваат со ваков шок, банкарскиот сектор за остане здраво ткиво во економијата.
Глас на Америка: Каква е стабилноста на денарот и во услови на војна во Украина?
Анита Ангеловска-Бежоска: Не треба да постои никаква загриженост во однос на стабилноста на девизниот курс. Централната банка веќе повеќе од две децении успешно ја одржува стабилноста на курсот на денарот, во однос на еврото, вклучително и во многу кризни епизоди, со кои што сме се соочувале, што е јасна потврда за капацитетот и адекватниот инструментариум, кој што го има Централната банка.
Глас на Америка: Министре Бесими, руско-украинската криза очигледно дека се одразува врз економијата на Македонија. Иако нема директни последици врз македонската економија, сепак, растот на цените на храната и енергентите на светските берзи се чувствуваат насекаде. Трошоците на живот секојдневно растат. Предвидувањата на дел од експертите се дека следи, двоцифрена инфлација. Колку се реални ваквите очекувања?
Фатмир Бесими: Ние, реално, во првиот квартал, имавме 7,7% инфлација. Кај нас, генерално, во овој период се работи за увезена инфлација и многу ќе зависи како ќе се движат тие цени на европските пазари и како тоа ќе се преслика и кај нас. Преземаме мерки за да го ублажиме тој ефект, и веќе тие мерки даваат резултати.
Глас на Америка: Што ако продолжи војната во Украина – во следните шест месеци? Како ќе се одрази тоа врз македонската економија?
Секоја криза што продолжува, истоштува. Се надеваме дека во овој период се преземаат сите мерки не само од наша страна туку и од Европа, од меѓународните финансиски институции, како да се прилагодат кон ваквите сценарија.Бесими, министер за финансии
Фатмир Бесими: Тоа е најголемата неизвесност. Сите проекции, таканаречена „корекција надоле“, како ризик што постои, доколку продолжи војната сите овие ефекти – ќе продолжат да се чувствуваат во нашата економија. Секоја криза што продолжува, истоштува. Се надеваме дека во овој период се преземаат сите мерки не само од наша страна туку и од Европа, од меѓународните финансиски институции, како да се прилагодат кон ваквите сценарија. Веќе ММФ најави дека има нови инструменти, за да предвидиме нова ситуација во иднина.
Глас на Америка: Доколку има продлабочување на војната во Украина, дали има можности да сугерирате времено да се oдложат кредитните обврски на граѓаните и фирмите, по примерот на таквата мерка на почетокот на глобалната пандемија со Ковид-19?
Фатмир Бесими: Мислам дека во моментов не се разгледува такво нешто. Разликата на економската криза со инфлација е многу поразлична, од таа за време на здравствената криза со пандемијата, кога имаше целосен застој на производството и немаше воопшто економска активност. Сега е обратна ситуацијата, каде има економска активност, но цените растат. Тоа се различни типови на криза.
Глас на Америка: Како санкциите од меѓународната заедница врз Русија поради војната во Украина влијаат на среден и долгорочен рок врз Македонија?
Фатмир Бесими: Санкциите, во кои и ние сме дел од нив, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ, и импактот од нив на европскиот пазар се чувствува, и кај нас, во однос на цените не енергенсите и во однос на цените на прехранбените производи. На среден, и на долг рок, зависно колку ќе трае војната, толку ќе влијаат и таквите импликации и врз нас. Да претпоставиме дека и утре ќе заврши војната во Украина, нема преку ноќ да се сменат работите. Ќе треба одреден временски период да се прилагоди економијата на нормален колосек. Веќе изготвуваме среднорочни планови како да се прилагодиме на новата состојба, и нашата економија да продолжи да јакне.
И гувернерката Бежоска и министерот Бесими, од Вашингтон по средбите во ММФ и Светската банка, најавија дека глобалниот раст ќе биде значително намален годинава на светско ниво и Македонија нема да биде исклучена од тие трендови, со оглед на кризата и инфлацијата поврзана со актуелната војна во Украина.