Линкови за пристапност

СОНК обвинува за притисоци, Владата за уцени од синдикалците


СОНК ја одби понудата од зголемување на платите во образованието за 10 отсто а од Владата веднаш реагираа дека со овој потег најголема штета трпат децата и дека понудата е добра и треба да се прифати. И политичките партии се вклучија, некои со поддршка некои со осуда за просветните работници кои веќе втора недела се во генерален штрајк. СОНК бара зголемување на платите за 18 отсто


СКОПЈЕ – Генералниот штрајк во образованието влегува во втората недела, ушениците веќе шест дена не посетуваат настава а разликите во ставовите но и реториката добиваат на тежина и интензитет.

Откако СОНК вчера и официјално ја одби усмената понуда за покачување на платите во висина од 10 отсто, премиерот, министерката за труд и социјала, владечаките СДСМ и ДУИ со осуда на овој потег на Синдикатот.

За премиерот Димитар Ковачевски, одбивањето на СОНК платите да бидат покачени за 10 отсто е уцена со која се нанесува ненадоместлива штета во образованието на учениците и повтори дека од 2017 година па досега платите во образованието се покачени за 21 отсто.

„Денес започнува втората недела во која децата нема да бидат во училишните клупи. Со одбивањето на понудата за покачување на платите од 10%, СОНК реши да продолжи со уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите. И покрај сѐ, СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку. Во услови кога со антикризните мерки кои ги донесе Владата сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно. Ова едноставно не може да се смета за разумен став туку за очигледен притисок со што е евидентно дека СОНК личните интереси го става пред оние на децата“, напиша премиерот Ковачевски.

На иста линија е и министерката за труд и социјала, Јована Тренчевска.

„Навистина, неприфаќањето на таквото решение не претставува ништо друго туку уцена, грижа за личните интереси на СОНК, а не за интересите на децата и на учениците“, рече Тренчевска.

Од Владеачката СДСМ, го обвинија синдикатот дека работи на штета на учениците, но и опозицијата дека се обидува да го политизира штрајкот.

„ Продолжувањето на штрајкот негативно се одразува врз учениците и воспитно-образовниот процес и децата се држат во неизвесност. Отсуството од наставата веќе извесно ќе доведе до пролонгирање на школската година, негативно ќе влијае врз уписите, како и врз полагањето на стручен испит на околу 500 наставници. Партијата која со години ги малтретираше и уценуваше наставниците, денес го политизира штрајкот на членовите на СОНК“, соопштија од СДСМ.

Коалициониот партнер во Владата, ДУИ, одлуката на СОНК да не ја прифати владината понуда ја оцени како политича агенда против учениците и родителите. Од партијата ги повикаа просветните работници да продолжат со настава.

„ Демократската Унија за Интеграција смета дека со одбивањето на понудата дадена од страна на Владата, СОНК ги става личните интереси над интересите на учениците, додека штетата оди на сметка на наставниците и учениците токму во пресрет на завршувањето на наставниот процес, бидејќи правото на образование на секое дете е загарантирано и со Уставот. Нетолерантно е да не се одржува настава во услови како овие денешните кога цел свет се соочува со пандемијата, економската и енергетската криза, додека Владата и Министерството за Образование и Наука прават максимални напори за нормализирање на образовниот процес“, стои во соопштението на ДУИ.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ, очекувано, со поддршка за СОНК. Предлогот на Владата го оценија како понижување за провестните работници а за претседателот Христијан Мицкоски е можност претсавниците на власта да продолжат со ненаменско трошење на парите на граѓаните.

„ Истата оваа влада ќе ве потсетам во 2015 година, поранешната министерка за труд и социјална политика и образование Мила Царовска од говорницата на СДСМ држеше прес конференции и велеше дека е загарантирано со Устав правото на штрајк на вработените во образованието и во градинките. Така што срамно е однесувањето на оваа влада. Наместо да работи на стандардот на тие кои што ги воспитуваат нашите деца, кои што ги гледаат нашите деца да ги мотивира, таа дополнително создава тензија и создава револт и дополнително ги прави овие луѓе да се чувствуваат некомотни во сопствената држава“, рече Мицкоски.

Владата вчера преку преку соопштение информираше дека на просветните работници кои се во генерален штрајк нема да им се исплатата дневниците за тој период туку само придонесите што од СОНК го оценија како еден во низата притисоци со кои се обидуваат да ги присилат на договор и продолжување на наставата.

„ Тие ниски удари и тие закани што во текот на викендот и претходната недела ги трпиме, нема да не поколебаат. Кратењето на дневниците и заменските наставници не значат ништо. Прво се обидоа со заменски наставници , па видео дека не можат да се најдат такви луѓе. Со кратењето на дневниците, не знам по кој основ како ќе ги скратат кога ние сме 8 часа во градинка тука“, изјави Мирјана Китановска- претседател на синдикална организација во градинката „ 8 Март“ во Кисела Вода.

Барањата на СОНК се зголемување на платите во образованието за 18,4 отсто.

XS
SM
MD
LG