Линкови за пристапност

ОН ќе преговараат со Москва и Киев за итен прекин на огнот


Раководителот за организирање помош на ОН Мартин Грифитс веќе оствари контакти, и Гутереш рече дека се надева оти тој ќе оди во Москва и Киев што е можно поскоро
Раководителот за организирање помош на ОН Мартин Грифитс веќе оствари контакти, и Гутереш рече дека се надева оти тој ќе оди во Москва и Киев што е можно поскоро

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш, денес изјави дека ќе почне да се бараат начини со Москва и Киев за можните аранжмани за хуманитарен прекин на огнот во Украина.

„Но, да бидеме јасни: решението за оваа хуманитарна трагедија не е хуманитарно, тоа е политички“, им рече Гутереш на новинарите во седиштето на ОН.

„Затоа, апелирам на итен хуманитарен прекин на огнот, за да се овозможи напредок во сериозни политички преговори, насочени кон постигнување мировен договор заснован на принципите на Повелбата на Обединетите нации“, рече Гутереш.

Тој рече дека прекинот на непријателствата ќе овозможи да се испорача критична хуманитарна и ќе им овозможи на цивилите безбедно да се движат наоколу.

„Тоа ќе спаси животи, ќе спречи страдање и ќе ги заштити цивилите“, рече Гутереш.

Раководителот за организирање помош на ОН Мартин Грифитс веќе оствари контакти, и Гутереш рече дека се надева оти тој ќе оди во Москва и Киев што е можно поскоро.

„Силно се надевам дека ќе има добра волја од сите страни за да се постигне овој прекин на огнот“, рече тој.

За еден месец војна, Русија и нанесе ужасни загуби и страдања на Украина. Цели населби беа бомбардирани, а цивили убивани, повредени и раселени, додека опсадата и опкружувањето на клучните градови доведоа до недостиг на храна и вода, прекин на струја, недостиг на гориво и други проблеми за милиони граѓани.

Гутереш рече дека од почетокот на конфликтот, ОН и локалните партнери им испорачале помош на 900.000 луѓе во источниот дел на земјата.

Големите хуманитарни конвои не можеа да се пробијат, поради тековните непријателства. Но, генералниот секретар рече дека еден конвој успеал денес да помине до опколениот град Харков со залихи за помош на илјадници луѓе.

Светската програма за храна предупреди дека Украинците имаат потешкотии да најдат храна бидејќи синџирот на снабдување се распаѓа и залихите се трошат.

Во четвртокот, Генералното собрание на ОН со големо мнозинство усвои резолуција барајќи од Русија да ја прекине војната и да го почитува меѓународното хуманитарно право, односно заштита на сите цивили, цивилна инфраструктура, хуманитарци, медицински персонал и новинарите.

Советот за безбедност на ОН треба да добие ажурирање за хуманитарната ситуација во Украина утре.

Шефот на ОН беше прашан и за зголемената загриженост од можнa нуклеарнa, хемискa или биолошка војна во Украина.

Тој рече дека разговарал со шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија и оти се планираат неколку иницијативи во наредните денови за гарантирање на безбедноста на нуклеарните капацитети внатре Украина.

Што се однесува до можноста за неконвенционална војна, тој рече дека „тоа би било нешто што јас верувам дека ќе се избегне. Мора да се избегне.

XS
SM
MD
LG