Линкови за пристапност

Бајден: Можен хемиски напад од страна на Русија „ќе предизвика ист одговор“


БРИСЕЛ (АП) - Американскиот претседател Џо Бајден по состанокот со лидерите на НАТО и Г-7 изјави дека хемискиот напад на Русија во Украина „ќе предизвика соодветен одговор“. Тој не кажа ништо повеќе за тоа што би можело да значи.

Тој и сојузниците во НАТО претходно нагласија дека САД и НАТО нема да пратат војници на украинска територија.

Претседателот Џо Бајден и западните сојузници ветија нови санкции и хуманитарна помош денес како одговор на нападот на Владимир Путин врз Украина.

Лидерите денес ги подготвуваа своите следни чекори за да се спротивстават на едномесечната руска инвазија - и се договорија како би можеле да одговорат доколку Путин употреби хемиско, биолошко или дури и нуклеарно оружје.

За денес беа закажани три итни состаноци низ Брисел, и тоа на НАТО, Групата седум индустриски развиени земји и 27-члениот Европски совет.

Бајден, на прес-конференција рано вечерта по состанокот со лидерите на НАТО и Г-7, предупреди дека хемискиот напад од страна на Русија „ќе предизвика ист одговор“.

Бајден и сојузниците во НАТО претходно нагласија дека САД и НАТО нема да пратат војници на терен во Украина. Не беше јасно дали претседателот има намера да сугерира дека таков напад ќе доведе до тоа САД или сојузниците да распоредат трупи за да и помогнат на Украина.

„Вие прашувате дали НАТО ќе реагира, ние би ја донеле таа одлука во тоа време“, рече Бајден.

Зеленски, иако е благодарен за нивната помош, јасно им стави до знаење на западните сојузници дека му треба многу повеќе отколку што тие во моментов се подготвени да дадат.

„Еден процент од сите ваши авиони, еден процент од сите ваши тенкови“, ги праша Зеленски членките на НАТО алијансата. „Не можеме да ги купиме. Но, кога ќе го имаме сето ова, ќе ни даде, исто како и вие, 100 проценти сигурност“.

Бајден, кој присуствуваше на сите три самити, рече дека повеќе помош е на пат. Но, западните лидери, исто така, посочија дека се однесуваат внимателно за да не ескалира дополнително конфликтот надвор од границите на Украина.

„НАТО направи избор да ја поддржи Украина во оваа војна без да војува со Русија“, рече францускиот претседател Емануел Макрон. „Затоа, решивме да ја интензивираме нашата тековна работа за да спречиме каква било ескалација и да се организираме во случај да дојде до ескалација“.

Веќе е обезбедена воена помош од милијарди долари. Американски официјален претставник, кој побара анонимност за да разговара за внатрешните размислувања, рече дека западните земји разговараат за можноста за обезбедување противбродско оружје поради загриженоста дека Русија ќе изврши амфибиски напади долж брегот на Црното Море.

Бајден рече дека негов главен приоритет на состаноците во четвртокот е да се увери дека Западот останува на иста страна во својот одговор на руската агресија врз Украина.

„Најважно е да останеме обединети“, рече Бајден.

Претседателот Џо Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин погрешил кога претпоставил дека НАТО ќе биде поделен околу Украина.

Бајден на прес-конференција рече дека руската инвазија на Украина изградила поголемо единство во НАТО, Европската Унија и економиите на Г7 групата.

Бајден за Путин вели: „Тој не мислеше дека можеме да ја одржиме оваа кохезија“, додавајќи дека НАТО „никогаш не бил пообединет како што е денес“.

Земјите на НАТО и другите сојузници воведоа остри санкции против Русија, осакатувајќи ја економијата на таа земја. Сепак, ЕУ се воздржува од преземање исти чекори како САД со забраната на нафтата и природниот гас од Русија.

Дел од информациите се превземени од Асошиејтед прес.

XS
SM
MD
LG