Линкови за пристапност

Американците нема да ја субвенционираат бруталната војна на Путин во Украина, рече Бајден


Претседателот на САД рече дека рускиот претседател Владимир Путин го искористил профитот од продажбата на енергија „за да ја вози својата воена машина“ во Украина
Претседателот на САД рече дека рускиот претседател Владимир Путин го искористил профитот од продажбата на енергија „за да ја вози својата воена машина“ во Украина

Претседателот на САД Џо Бајден денес патува во Полска, по средбата во Брисел со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Бајден и фон дер Лајен најавија формирање на заедничка работна група за намалување на зависноста на Европа од руските фосилни горива.

Бајден рече дека рускиот претседател Владимир Путин го искористил профитот од продажбата на енергија „за да ја вози својата воена машина“ во Украина.

Тој рече дека сака да стави до знаење дека „американскиот народ нема да биде дел од субвенционирањето на бруталната, неоправдана војна на Путин против народот на Украина“.

„Ние сме решени да се спротивставиме на бруталната војна на Русија“, рече фон дер Лајен, додавајќи дека „оваа војна ќе биде стратешки неуспех за Путин“.

Во Полска, Бајден ќе го посети источниот град Жешов, во близина на границата со Украина. Полска, сојузник на НАТО, прифати милиони украински бегалци.

Бајден вчера рече дека ќе има западен воен одговор доколку Русија употреби хемиско оружје во Украина.

„Тоа би предизвикало соодветен одговор“, одговори Бајден на новинарско прашање за време на прес-конференција во Брисел.

Тој, исто така, рече дека Русија треба да биде отстранета од групата на 20 големи економии, а на Украина да ѝ биде дозволено да присуствува на состаноците на Г20.

Бајден рече дека ова прашање било покренато вчера за време на неговите состаноци со други светски лидери, еден месец од руската инвазија на Украина.

На прашањето дали Украина треба да отстапи некоја територија за да постигне прекин на огнот со Русија, Бајден одговори:

„Не верувам дека ќе мора да го направат тоа, но тоа е одлука на Киев“.

Тој рече дека САД ќе издвојат повеќе од една милијарда долари за хуманитарна помош и ќе дозволат 100.000 бегалци од Украина, а ќе инвестираат и 320 милиони долари за поддршка на демократската отпорност и одбрана на човековите права во Украина и соседните земји.

НАТО вчера изјави дека ќе се зголемат капацитетите на Алијансата, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од лидерите повеќе оружје за одбрана на Украина.

Обраќајќи се виртуелно на самитот на НАТО, Зеленски рече дека неговата војска има потреба од борбени авиони, тенкови и воздушни и поморски одбранбени системи.

„Русија нема намера да застане во Украина“, изјави тој, додавајќи дека Русија „сака да оди понатаму. Против источните членки на НАТО. Балтичките држави. Полска, сигурно“.

Белата куќа вчера објави соопштение во кое се вели дека „отсега до самитот на НАТО во јуни, ќе развиеме планови за дополнителни сили и капацитети за зајакнување на НАТО одбраната“.

Официјален претставник на администрацијата на Бајден рече дека Зеленски не го повторил неговото барање за зона на забранети летови, кое НАТО претходно го отфрли со образложение дека тоа би довело до директен конфликт меѓу НАТО и Русија.

Покрај состаноците во НАТО, Бајден вчера се сретна и со лидерите на групата Г7 и Европскиот совет.

Белата куќа најави нова рунда санкции насочени кон 48 руски државни одбранбени компании и повеќе од 400 руски политички фигури, олигарси и други ентитети, акција што Бајден рече дека се спроведува во усогласеност со Европската Унија.

Денешната посета на Бајден во Полска се очекува да ги стави во фокус милиони Украинци кои станаа бегалци откако Русија ја започна војната.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG