Линкови за пристапност

Бајден ќе најави нови санкции за Русија


Претседателот на САД денес патува во Брисел на разговори со НАТО сојузниците за војната во Украина
Претседателот на САД денес патува во Брисел на разговори со НАТО сојузниците за војната во Украина

Претседателот на САД Џо Бајден денес патува за Брисел каде ќе се сретне со НАТО и европските сојузници и се очекува да објави нови санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.

„Тој ќе им се придружи на нашите партнери во воведувањето дополнителни санкции кон Русија и заострување на постоечките санкции за да се спречи нивно избегнување и да се обезбеди силно спроведување“, рече советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски утре виртуелно треба да се обрати на самитот на НАТО. Претходно, тој рече дека очекува западните лидери да ги зголемат нивните санкции и да ветат поголема помош за Украина.

Рускиот извоз на нафта и гас е индустрија за која се размислуваат можни санкции, но зависноста од тој извоз, особено на земјите во ЕУ, ја зголемува загриженоста за последиците од таквите мерки.

Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера рече дека неговата земја „ќе стави крај на оваа зависност што е можно поскоро“, но ако тоа го направи веднаш „би значело да ја турне нашата земја и остатокот од Европа во рецесија“.

Франција, пак, соопшти дека испраќа медицинска и друга итна опрема, заедно со противпожарни и спасувачки возила на границата меѓу Романија и Украина.

Обединетите нации соопштија дека повеќе од 3,6 милиони бегалци ја напуштиле Украина откако Русија ја започна инвазијата пред еден месец. Уште 6,5 милиони луѓе се раселени низ државата.

САД предупредија дека Русија сè повеќе напаѓа цивили поради неможноста да ги постигне своите цели во Украина.

„Јасно е дека има цивилни жртви и јасно е дека тие се зголемуваат секој ден поради неселективните напади што Русите ги спроведуваат“, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби.

Русија ги отфрла обвинувањата за воени злосторства, и покрај тоа што САД и другите западни земји изразуваат загриженост оти Русија можеби се подготвува да искористи хемиско и биолошко оружје во Украина, па дури и нуклеарно оружје.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG