Веќе е утврден капацитетот на државните институции за прием и сместување на украински граѓани, а тој може да се зголеми со дополнителни објекти. Владата уверува дека ниту еден бегалец нема да биде вратен.
Не очекувам да имаме голем бран бегалци зашто тие одат во други држави во соседство на Украина, но бројките на бегалци се огромни и ние треба да бидеме подготвени.Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија
„Ние нема да одбиеме ниту еден украински бегалец кој ќе стигне на граница. Напротив ќе биде примен со сите аспекти на хуманитарно згрижување на бегалците. Капацитетите што ги утврдија институциите јас ги имам ставено во табела и денеска ќе ги презентирам на седница на Владата. Станува збор за бројот на капацитетите кои ги имаме сега во државните институции, што не значи дека доколку хипотетички би имало поголем број на бегалци нема да создадеме импровизирани капацитети и да ги сместуваме. Не очекувам да имаме голем бран бегалци зашто тие одат во други држави во соседство на Украина, но бројките на бегалци се огромни и ние треба да бидеме подготвени.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Руската агресија, според официјално Скопје, дополнително ја потврдила потребата од решителни одлуки на Европската Унија во однос на Западен Балкан. Анализите се дека проширувањето веќе не е само прашање за угледот на Унијата, туку е безбедносно прашање и за Балканот и за Европа. Дека и Брисел тоа веќе го разбира, како што вели Османи, зборува и посетата на шефот на европската дипломатија, Борел, на Скопје и на регионот.
„Неговото доаѓање овде како прва дестинација, како шеф на европската дипломатија, спомнувајќи го регионот на Балкан во секој контекст, и во Брисел и во Вашингтон, мислам дека е доволно давање до знаење на сите и во регионот и во ЕУ, дека станува збор за безбедносно прашање за ЕУ“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Напредокот на Скопје во проширувањето зависи од дијалогот со Софија. Процесот тече – и на експертско и на политичко ниво. Разликите се уште постојат, објаснува Османи, но потенцира дека е важно што се разговара за отворените прашања. Така ќе биде и наредната недела кога во Скопје доаѓа шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска.