Македонецот, Даниел Кировски од Валандово веќе две недели неуморно им помага на бегалците кои бегаат од ширењето на руската воена инвазија во Украина. Тој заедно со уште 150 лекари од повеќе држави се наоѓа на граничниот премин Дуранкулак помеѓу Бугарија и Романија.
Им, дава, прва помош.
„Вие може да видите и во очите наши, а не само во очите на бегалците, на пациентите, дека сликата е тажна. Ова што се случува е исто како кај нас кога пред дваесет години, односно во 2001 година имаше раселување на бегалци. Повеќето од луѓето сега имаат потреба од психолог, психијатар, поради траумите кои ги доживуваат“, вели лекарот Даниел Кировски.
Даниел Кировски е единствениот лекар - Македонец, кој што помага на бегалците коишто ја напуштаат Украина во потрага по мир во некоја од соседните држави. Веќе две недели се наоѓа на границата помеѓу Бугарија и Романија, пружајќи им прва помош на овие луѓе.
Ако на почетокот бројот на лекари бил околу 70, сега нивниот број е повеќе од 150. Ги има од Украина, Молдавија, Русија, Бугарија, кои студираат или работат во Бугарија. Тој е дел од Националната агенција на доброволци на Бугарија.
„Се бараат најмногу лекари-специјалисти кои се педијатри, бидејќи голем дел од пациентите - се деца. Поради долгото патување, небалансираниот начин на живот, недостигот на храна во време на патувањето, ним им е потребна помош“, вели лекарот Даниел Кировски.
Кировски објаснува дека напливот на бегалци од ден на ден се зголемува. Многумина пристигнувале со здравствени проблеми, стомачни вируси, истоштеност, а некои имале потреба од итна операција. Помеѓу бегалците имало и бремени жени, кои биле пред породување.
„Голем дел од нив, се со симптоми на Ковид. Сакам да кажам дека поради бегалската криза може да има нов бран, може да има зголемување на бројките, бидејќи голем дел од нив, не се вакцинирани. Кога ќе дојдеме во контакт со нив кажуваат дека не се вакцинирани. Повеќето од луѓето се со респираторни и хронични заболувања. Повеќето од пациентите сè и со атеријална хипертонија“, вели лекарот Даниел Кировски.
И покај големиот обем на работа тој вели дека се одлично организирани. Располагаат со подвижна лабараторија опремена со рентген, ехо-апарат и останата неопходна апаратура, кислород за пост-ковид пациенти, поради што можат да одговорат навреме на секој подинечен случај.
Дежураат по 12 часа, пречекувајќи го секој бегалец, на граничниот премин.
Кировски кој повеќе од 10 години работи како лекар анестезиолог во Бугарија, останува и натаму на граничниот премин Дуранкулак.
„Останувам. Има голем интерес од специјалисти. И тоа е се бесплатно. Никој нема профит од ова што го правиме. Сите го правиме доброволно и хумано“, вели лекарот Даниел Кировски.
На овој граничен премин биле вклучени и многу волонетери и организации кои им помагале на овие луѓе. Им делеле храна, вода, кебиња, облека, намирници за деца, а се организирал и бесплатен транспорт, како од државата така и од страна на локалното население, кое живее близу самата граница.