Потпретседателката на САД Камала Харис пристигна во Романија за да разговара за бегалската криза во регионот, како дел од нејзиното тридневно патување низ источниот дел Европа.
Харис на аеродромот во главниот град Букурешт беше пречекана од романскиот претседател Клаус Јоханис. Тие се очекува да разговараат за справување со бегалската криза предизвикана од руската инвазија на Украина.
Обединетите нации (ОН) објавија дека Романија, која има околу 19 милиони жители прифатила повеќе од 84.000 раселени лица. Други земји на источното крило на НАТО, вклучувајќи ги Унгарија, Молдавија и Словачка, исто така, пречекаа десетици илјади бегалци.
Повеќе од 2,3 милиони луѓе ја напуштија Украина од 10. март, според Обединетите нации, велејќи дека до пет милиони луѓе би можеле да побегнат од конфликтот.
Тоа ќе ја предизвика најголемата хуманитарна криза во Европа од Втората светска војна.
Потпретседателката Харис пристигна во Букурешт откако вчера беше во Полска, каде се сретна со полскиот претседател Анджеј Дуда и премиерот Матеуш Моравјецки, како и со украински бегалци.
Во Полска избегаа околу 1,5 милиони Украинците од почетокот на инвазијата. Таму Харис им рече на новинарите дека ја поддржува истрагата на ОН за руската инвазија на Украина за „сите наводни прекршувања и злоупотреби на правата и поврзани кривични дела“.
„Апсолутно треба да има истрага“, рече таа.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес