Руските сили денес ја презедоа контролата врз стратешкиот украински пристанишен град Херсон, продолжувајќи да ги гранатираат големите градови што принуди повеќе од еден милион луѓе да ја напуштат земјата.
Претставници на локалната власт и руската војска го потврдија заземањето на Херсон, првиот град што падна во еднонеделната руска инвазија на Украина, по неколкудневните спорни тврдења за тоа кој ја има контролата.
Официјален претставник на американската одбрана рече дека Вашингтон не може да го потврди развојот на настаните.
Обидот на Москва брзо да го заземе украинскиот главен град очигледно е закочен, но војската постигна значителни придобивки на југот како дел од напорите да ја прекине врската на земјата со Црното и Азовското Море.
И покрај руските напади врз Харков, Чернихив и Мариупол, британското Министерство за одбрана денес соопшти дека сите тие останале во рацете на Украина.
„Ние сме народ кој за една недела ги уништи плановите на непријателот“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќање раноутрово, и додаде: „Тие нема да имаат мир овде. Нема да имаат храна. Тука нема да имаат ниту еден мирен момент“.
Руските трупи направија опсада и на пристанишниот град Мариупол источно од Херсон, обид што градоначалникот рече дека имал за цел да ја изолира Украина.
„Тие се обидуваат да создадат блокада овде“, рече Вадим Бојченко. Тoj рече дека Русите ги напаѓаат железничките станици за да спречат евакуација на цивили и дека нападите ги прекинале водата и струјата.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников рече дека иако претстојат предизвици, Украина има „секакви причини да биде самоуверена“.
И покрај малите знаци за потенцијален пробив, двете страни денес во Белорусија одржуваат втор круг мировни разговори. Украина соопшти дека ќе повика на прекин на огнот и хуманитарни премини за нејзините граѓани.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денес за новинарите дека руските сили ќе продолжат со напорите да ја уништат воената инфраструктура на Украина и оти нема да дозволат нејзиниот сосед да претставува воена закана за Русија.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека САД остануваат отворени за изнаоѓање дипломатско решение за ситуацијата, но дека Русија мора прво да ја деескалира ситуацијата.
„Многу е потешко за дипломатијата да успее кога пукаат пушки и се тркалаат тенкови“, им рече тој на новинарите вчера.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс