САД денес објавија сеопфатни напори за идентификување и запленување на имотот на богатите Руси кои го поддржуваа режимот на рускиот претседател Владмир Путин, како дел од нивниот одговор на руската инвазија на Украина.
Новата иницијатива предводена од Одделот за правда беше најавена од претседателот на САД Џо Бајден при вчерашното прво обраќање пред нацијата.
„Вечерва им велам на руските олигарси и на корумпираните лидери кои потрошија милијарди долари од овој насилен режим: Нема повеќе“, рече вчера Бајден, и додаде:
„Одделот за правда на САД составува работна група за да ги следи злосторствата на руските олигарси. Се здружуваме со нашите европски сојузници за да ги пронајдеме и заплениме вашите јахти, вашите луксузни апартмани, вашите приватни авиони. Доаѓаме за вашите незаконски придобивки“.
Денес главниот правобранител Мерик Гарланд го објави формирањето на новата работна група, истакнувајќи дека нејзината цел ќе биде да ги спроведе низата економски санкции што беа воведени против Русија од нејзината инвазија на Украина минатата недела.
„Одделот за правда ќе ги искористи сите свои овластувања за да ги заплени имотите на поединци и ентитети кои ги прекршуваат овие санкции“, рече Гарланд, нагласувајќи дека „нема да оставиме ниту еден камен непревртен во нашите напори да ги истражиме, апсиме и гониме оние чии криминални дела ѝ овозможуваат на руската влада да ја продолжи оваа неправедна војна. Дозволете ми да бидам јасен: ако ги прекршите нашите закони, ќе ве повикаме на одговорност“.