Линкови за пристапност

Една недела откако Русија ја нападна Украина


Една недела откако Русија ја нападна Украина во четвртокот, руските сили ги гранатираа големите градови, а бројот на бегалци кои ја напуштија Украина надмина еден милион луѓе.

И, покрај руските напади врз Харков, Чернихив и Мариупол, британското Министерство за одбрана во четвртокот соопшти дека сите тие останале во рацете на Украина.

„Ние сме народ кој за една недела ги уништи плановите на непријателот“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање рано во четвртокот. „Тие нема да имаат мир овде. Нема да имаат храна. Тука нема да имаат ниту еден мирен момент“.

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников ги наведе очекувањата пред инвазијата, пишувајќи на Фејсбук: „Никој, ниту во Русија ниту на Запад, не веруваше дека ќе издржиме една недела“.

Четвртокот, исто така, донесе очекување за втор круг мировни разговори меѓу двете страни, иако имаше мали знаци за потенцијален пробив. На првичниот состанок во понеделникот се зборувало само за плановите за понатамошните разговори.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави за новинарите во четвртокот дека руските сили ќе продолжат со напорите да ја уништат воената инфраструктура на Украина и нема да дозволат нејзиниот сосед да претставува воена закана за Русија.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека САД остануваат отворени за изнаоѓање дипломатско решение за ситуацијата, но дека Русија мора прво да го прекине огнот.

Во меѓувреме, според американските официјални лица, продолжија да пристигнуваат пратки со одбранбена помош за Украина.

Пентагон во средата, исто така, изрази загриженост дека руските сили стануваат поагресивни во нивното таргетирање, ставајќи ги цивилите и цивилната инфраструктура во поголема опасност.

Висок одбранбен функционер рече дека недостигот на руски напредок околу Киев, и покрај неговата супериорна моќ, може да се припише на фактори како што се недостигот на гориво и храна, како и одличната одбрана на украинските сили.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-Прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG