Експлозии и пукотници можат да се слушнат денес во главниот град на Украина, Киев, додека руските и украинските сили се борат за контрола на градот.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски денес рече дека главниот град Киев останува во рацете на Украина, додека украинските власти ги повикаа граѓаните на земјата да помогнат во одбраната на Киев од руските сили.
Цитирајќи руски државни медиуми, дописникот на Гласот на Америка Џеф Селдин, известува дека Кремљ дал наредба на војската да напредува во сите правци во Украина.
Воена база во главниот град беше нападната, но, украинската војска соопшти дека нападот бил одвратен. Висококатница во главниот град беше погодена раноутрово.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека зградата била погодена од руски проектил.
Лице од спасувачките тимови, за Асошиетед прес изјави дека шест лица биле повредени во ракетниот напад. Видеоснимките од зградата покажаа голема штета на горните катови.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека нападите врз Киев ќе станат поинтензивни денес.
„Киев бара посебно внимание“, рече тој, и додаде дека „не можеме да го изгубиме главниот град“.
Зеленски денес на Твитер објави дека разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон.
„Оружјето и опремата од нашите партнери се на пат за Украина. Антивоената коалиција работи“, напиша тој на Твитер.
Руското Министерство за одбрана денес соопшти дека руските војници го зазеле градот Мелитопол во југоисточна Украина.
Руските власти во петокот изјавија дека нивните сили постигнале солиден напредок во, како што го опишаа, обидот за елиминирање на терористичката закана.
САД вчера објавија дека ќе ги замрзнат средствата на рускиот претседател Владимир Путин и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по слични чекори преземени од Европската Унија и Велика Британија, додека државите ширум светот се обидуваат да ги заострат санкциите против руската Влада поради нејзината инвазија на Украина.
Министерството за финансии на САД ја објави мерката откако министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот во Брисел едногласно се согласија да го замрзнат имотот и банкарските сметки на највисоките руски функционери.
Некои информации во овој текст се преземени од Ројтерс