Линкови за пристапност

САД ќе ѝ продадат на Полска 250 борбени тенкови


Временската рамка за испорака на овие тенкови во моментов е предмет на дискусија, рече секретарот за одбрана на САД Лојд Остин денес во Варшава
Временската рамка за испорака на овие тенкови во моментов е предмет на дискусија, рече секретарот за одбрана на САД Лојд Остин денес во Варшава

Американските официјални лица велат дека САД ќе ѝ продадат на Полска 250 М1 Абрамс борбени тенкови со цел да ја зголемат безбедноста на државата во услови на ескалирање на тензиите со Русија.

Секретарот за одбрана на САД Лојд Остин, денес за новинарите во Варшава, изјави дека заедно со државниот секретар Ентони Блинкен го информирале Конгресот за нивната намера да ги продадат овие возила.

„Временската рамка за испорака на овие тенкови во моментов е предмет на дискусија“, рече Остин.

Полска најави планови летово да купи тенкови од САД како дел од договорот вреден околу шест милијарди долари, но, нивното купување продолжи да се одлага.

Остин рече дека набавката од страна на Полска, исто така, ќе помогне да се осигура „поразумна поделба“ на одбранбените обврски во НАТО Алијансата.

Остин, исто така, ѝ се забалодари на Полска оти прими дополнителни 4.700 американски војници кои се подготвени да одговорат ако Русија ја нападне Украина.

Претседателот на САД Џо Бајден, пак, денес ќе зборува со трансатлантските лидери за кризата во Украина.

Белата куќа рече дека претседателот ќе ги информира лидерите за напорите на САД да се практикуваат дипломатија и одвраќање.

Бајден вчера рече дека постои „многу голема“ веројатност дека Русија ќе изврши инвазија на Украина во наредните неколку денови.

„Секоја индикација што ја имаме е дека тие се подготвени да ја нападнат Украина“, рече Бајден.

Сепак, тој додаде дека уште верува оти е можно да се најде дипломатско решение што би ја намалило загриженоста на Русија за проектилите на НАТО и воените вежби во источна Европа.

Западните сојузници го одбија главното барање на Русија НАТО да ја исклучи можноста да им дозволи на Украина и други поранешни советски републики да станат членки на Алијансата.

Блинкен, вчера, пред Советот за безбедност на Обединетите нации, рече дека светот може да очекува да види руски напад на Украина во наредните денови, и оти разузнавачките информации укажуваат на тоа дека може да се случи со измислен повод.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, вчера рече дека Блинкен „истакна во своите забелешки во Советот за безбедност на ОН денеска дека бидејќи веруваме оти единствениот одговорен начин за решавање на оваа криза е преку дипломатија и дијалог, тој предложи да се сретне со (рускиот) министер за надворешни работи Лавров во Европа следната недела“.

Во меѓувреме, Москва го протера Барт Горман, вториот човек во Амбасадата на САД во рускиот главен град.

Стејт департментот рече дека протерувањето „беше неиспровоцирано и го сметаме за чекор на ескалација, и размислуваме за нашиот одговор“.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече „загрижени сме што Русија се обидува да најде изговор за вооружен напад против Украина“.

Тој додаде дека „вратата на НАТО останува отворена“ за преговори, но, оти западната Алијанса не може да прифати кога „големите сили ги заплашуваат, малтретираат или им диктираат на другите“.

Тој ја покани Русија „да се вклучи со добра волја“ во украинската криза.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG