Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите високи помошници велат дека дипломатијата победува.
„ Ние и нашите сојузници успеавме да ја спречиме Русија од каква било натамошна ескалација. Дипломатијата продолжува да функционира“, напиша на Твитер Дмитро Кулеба, украинскиот министер за надворешни работи, по веста за наводно делумно повлекување на руските војници.
Сепак, Кулеба предупреди на руските изјави поврзани со повлекувањето на дел од силите од украинската граница.
„Ние во Украина имаме правило: не веруваме во она што ќе го слушнеме, веруваме во она што го гледаме. Ако следи вистинско повлекување по овие изјави, ќе веруваме во почеток на вистинска деескалација“, рече тој.
Русија негира дека планира напад на Украина и ги обвини западните лидери за поттикнување хистерија.
Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи напиша на социјалните медиуми дека „тие беа понижени и поразени без ниту еден испукан куршум“.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека најголемата западна воена алијанса ги поздравува сигналите од Москва дека можеби би сакала да ги продолжи дипломатските разговори за европската безбедност и да ги повлече трупите подалеку од украинската граница.
„Ова е основа за претпазлив оптимизам“, рече Столтенберг, но, нагласи дека „досега не сме виделе никаков знак за деескалација на терен од руска страна“.
Тој рече дека Русија често остава зад себе воена опрема по вежбите, оставајќи им можност на силите да се регрупираат.
Русија денес соопшти дека дел од нејзините сили распоредени во близина на Украина ќе се вратат во своите бази по завршувањето на воените вежби.