Линкови за пристапност

Русија тврди дека ги повлекува своите воени сили, САД велат дека таа додала нови 7000 војници


Кремљ во четвртокот рече дека ќе биде потребно време да се повлечат руските сили кои ги завршија вежбите во близина на границата со Украина, додека САД и другите украински сојузници велат дека нема конкретни знаци за повлекување на руските воени елементи што предизвика страв од нова инвазија на Украина.

Висок американски функционер им изјави на новинарите доцна во средата дека и покрај тоа што Русија изјави дека почнува да испраќа некои единици назад во нивните бази, таа всушност додала нови 7.000 војници долж границата со Украина.

Русија негираше дека планира да ја нападне Украина и бараше безбедносни гаранции дека НАТО ќе ја исклучи можноста за членство на Украина и другите поранешни советски републики.

САД и НАТО тврдат дека барањето не е предмет на разгледување, кое беше споменато и во писмото испратено до Русија кон крајот на јануари, како дел од долгите и тековни дипломатски напори за изнаоѓање мирно решение за кризата.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денес дека Русија ќе го достави својот писмен одговор на американското писмо подоцна во текот на денот.

Исто така денес, украинските сили и бунтовниците поддржани од Русија во источна Украина се обвинуваат околу пукањето и немирите за прекин на огнот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија е длабоко загрижена поради разгорувањето на насилството. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба повика на осуда на, како што рече, „сериозното кршење на договорите од Минск од страна на Русија во услови на веќе напната безбедносна ситуација“.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG