Линкови за пристапност

Блинкен и Лавров разговараа на телефон откако Русија одговори на писмото од САД


САД вчера добија писмо со одговор од Русија, но, претставници на Стејт департментот одбија да разговараат за неговата содржина
САД вчера добија писмо со одговор од Русија, но, претставници на Стејт департментот одбија да разговараат за неговата содржина

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес имаа телефонски разговор, ден по седницата на Советот на безбедност на Обединетите нации, на која се разговараше за кризата на руско-украинската граница.

САД вчера добија писмо со одговор од Русија, но, претставници на Стејт департментот одбија да разговараат за неговата содржина, наведувајќи дека сакаат да го држат во приватност преговарачкиот процес.

Денешените дипломатски напори за решавање на кризата го вклучуваат и патувањето на британскиот премиер Борис Џонсон во Киев на разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Ја повикуваме Русија да се повлече и да се вклучи во дијалог за да се најде дипломатско решение“, се вели меѓудругото во изјавата на Џонсон.

Блинкен и Лавров одржаа разговори лице в лице на 21. јануари во Женева, и оттогаш двете страни разменија писмени одговори со цел да ги разјаснат нивните позиции.

Русија претходно рече дека американскиот документ не успеал да одговори на нејзините суштински безбедносни грижи, кои го вклучуваат нејзиното противење на натамошното проширување на НАТО, особено во Украина.

САД, НАТО и Украина го оценија таквото барање за неприфатливо ограничување на нивната можност да одлучуваат за своите работи.

САД се заканија дека ќе воведат остри економски санкции доколку Русија ја нападне Украина.

„Ситуацијата со која се соочуваме во Европа е итна и опасна, а влогот за Украина и за секоја земја-членка на ОН не може да биде поголем“, изјави американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд пред членовите на Советот за безбедност на ОН.

Паралелно, претседателот Џо Бајден издаде соопштение во кое се вели дека „ ако Русија е искрена за решавање на нашите соодветни безбедносни грижи преку дијалог, САД и нашите сојузници и партнери ќе продолжат да се ангажираат со добра волја. Ако наместо тоа, Русија одлучи да се повлече од дипломатијата и да ја нападне Украина, Русија ќе ја сноси одговорноста и ќе се соочи со брзи и тешки последици“.

Дел од информациите во извештајот се преземени од Ројтерс

XS
SM
MD
LG