Демократските законодавци сакаат да објават нивно писмо како одговор на она објавено минатата недела од републиканците во кое се наведува дека ФБИ ја злоупотребило моќта во истрагата за вмешаноста на Русија во претседателските избори во САД, во 2016-та година.
Демократите кои се малцинство во Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом повикуваат на гласање за отворање на патот за да можат да ги искажат своите ставови за класифицирани информации што републиканците ги користеа во нивното писмо. Но, демократите се соочуваат со проблем за тоа дали со нивната намера би биле откриени информации за операциите за собирање на разузнавачки податоци.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така ќе треба да ја разгледа намерата на демократите, за да види дали се објавуваат класифицирани информации. Трамп тврди дека републиканското писмо, подготвено од претседателот на Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом, Девин Нунес „целосно го потврдува“ неговиот став дека тековната истрага за руското мешање во изборите не била спроведена според правилата.
Во меѓувреме, Трамп го пофали Нунес, велејќи: дека „Конгресменот Девин Нунес е човек со огромна храброст и доблест кој можеби еден ден ќе биде признаен како голем американски херој заради она што го откри и преку се што требаше да помине!“
Неколкумина републиканци го оспорија тврдењето на Трамп дека писмото на републиканците го оправдува неговиот став во однос на истрагата што ја спроведе специјалниот советник Роберт Мулер.
Во писмото од четири страници се заклучува дека ФБИ се потпира на истрагата на опозицијата кое е финансирано од демократите и спроведено од поранешниот британски разузнавач, Кристофер Стил за да побараат одобрение од Надзорниот суд на САД за следење на Картер Пејџ, советник во кампањата на Трамп, во врска со неговите наводни врски со Русија.
Меѓутоа, во писмото исто така се наведува дека истрагата на ФБИ, која на крајот доведе до истрагата на Мулер, започнала неколку месеци порано - во јули 2016-та година кога агентите започнале да ги истражуваат контактите меѓу советникот на Трамп, Јоргос Пападопулос и руските оперативци. Пападопулос се изјасни за виновен за лажење на истражителите и е во исчекување на судската пресуда.
Лидерот на демократите во Сенатот, Чарлс Шумер, во писмо го повика Трамп да го одобри објавувањето на демократската реакција на писмото на Нунес, велејќи дека на Американците треба „да им биде дозволено да ги видат аргументите на двете страни и да направат сопствен заклучок“.
Демократските законодавци кои се противеа на објавувањето на писмото од републиканците велат дека информациите биле одбрани и ја пренагласува важноста на досието на Стил во напорите на ФБИ да добие судско одобрение за следење на активностите на Пејџ.
ФБИ, исто така се спротивстави на објавувањето на писмото велејќи дека има „сериозна загриженост“ во врска со неговата точност поради пропусти во врска со судското барање за следење. Заменик-јавниот правобранител, Род Розенстајн кој ја надгледува истрагата на Мулер исто така, се спротивстави на неговото ослободување.