Линкови за пристапност

ФБИ под лупа заради наводна нетрпеливост спрема Трамп


Извештаите зборуваат за притисок од страна на Трамп врз директорот на ФБИ да го отпушти неговиот заменик, но Белата куќа вели дека тој и онака е на пат да се пензионира

Белата куќа изрази верба во директорот на ФБИ, Кристофер Реј, по извештаите дека тој се заканувал со оставка, доколку биде притискан од претседателот Доналд Трамп да го отпушти неговиот заменик Ендру Мекејб.

„Претседателот има комплетна доверба во директорот Реј. Тој го стави на тоа место со причина и смета дека е способен да ја води агенцијата. И исто така мисли дека тој одлично ја врши работата, и мило му е што е таму“, изјави за Гласот на Америка, портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс.

Трамп во неколку прилики преку Твитер има кажано дека е незадоволен од Мекејб, нотирајќи дека сопругата на претставникот на ФБИ примила 700 илјади долари во придонес во кампањи од, како што кажа, „мариотките на Клинтон“, кога сопругата на функционерот се кандидирала за државна функција во Вирџинија како демократка, додавајќи дека Мекејб може да се пензионира со сите бенефиции во март.

Сандерс одби дополнително да коментира за Мекејб, освен што забележа дека тој се очекува наскоро да ја напушти агенцијата.

„Тој е веќе во постапка да се пензионира и јас немам што друго да кажам за тоа освен што би рекла дека претседателот сака директорот Реј да донесе одлуки кои смета дека се исправни и потребни за водење на неговата агенција“, рече таа.

Трамп во вторник продолжи со притисокот преку Твитер на главната агенција за спроведување на законот, забележувајќи дека претставници на ФБИ признале дека не можат да лоцираат илјадници текстуални пораки меѓу двајца високи функционери обвинети за анти-Трамп расположение изразено во работата што инволвира истрага на претседателот:

„Во една од најголемите приказни за многу долго време, ФБИ сега вели дека изгубиле текстуални пораки од петмесечен период меѓу љубовниците Стрзок-Пејџ, можеби 50.000, и тоа од најважното време!"

Последната Твитер-порака на Трамп доаѓа неколку дена откако сенаторот Рон Џонсон од Висконсин, претседател на сенатската Комисија за домашна безбедност и владини работи, испратил писмо до Реј прашувајќи го да објасни како дозволил да не бидат зачувани текстуалните пораки меѓу Питер Стрзок, главен претставник на ФБИ за контратероризам и адвокатката на агенцијата Лиса Пејџ.

Стрзок,кој исто така ја водеше истрагата на тимот на ФБИ за имеил-серверот на Хилари, а бил отстранет од истрагата за поврзаноста на Трамп со Русија пред неколку месеци, откако била откриена романтичната врска меѓу него и Пејџ, го исмевал Трамп во текстуални пораки за време на претседателската кампања. Исчезнатите текс-пораки покриваат петмесечен период кој почнал кусо време по изборот и траел до мај, 2017-та.

Пејџ го напуштила тимот на специјалниот истражител Роберт Мулер пред текстуалните пораки да бидат откриени.

Во интервју за The Wall Street Journal минатиот месец, Трамп однесувањето на Стрзок го нарече „предавничко“.

Со републиканците во Конгресот кои ги зајакнаа напорите да разберат повеќе за наводите за политичка пристрасност во ФБИ, генералниот правобранител Сешнс во понеделникот даде збор дека ќе ја открие вистината за текстуалните пораки што недостигаат.

„Нема да оставиме камен непревртен, за да потврдиме со сигурност зошто овие пораки не се достапни за увид и ќе употребиме секаква постоечка технологија да ги најдеме од други извори“, рече Сешнс. Ако успееме во тоа, веднаш ќе ги известиме конгресните комисии“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG