Сонот за назависен и суверен Ирак сега е реалност, кажа американскиот секретар за одбрана Леон Панета на церемонијата во Багдад со која САД го одбележаа крајот на армиската мисија во земјата. Ова е историски момент и за ирачкиот, и за американскиот народ, рече првиот човек на Пентагон.
31-ви декември е крајниот рок за повлекување на преостанатите американски сили од Ирак. Во земјата сега има само околу 4.000 војници, за разлика од 170-те илјади во екот на Ирачката војна.
Панета кажа дека војниците ќе заминат од Ирак свесни дека помогнале на Ирачаните да отворат ново поглавје во историјата, осолободени од тиранија и полни со надеж за просперитет и мир. Па сепак, за тоа да стане можно, и Американците, и Ирачаните пролеаја многу крв, рече секретарот за одбрана. Од почетокот на Ирачката војна во 2003-та, загинаа речиси 4.500 американски војници и десетици илјади Ирачани.
Панета кажа и дека сега Ирак самиот е одговорен за својата иднина, но дека САД ќе останат партнер со значително дипломатско присуство во земјата.