Американскиот претседател Барак Обама оддаде почит на војниците кои служеа во Ирак. Придружуван од првата дама Мишел, Обама се обрати пред армиските припадници во базата Форт Брег во сојузната држава Северна Каролина.
Додека последните војници се подготвуваат да заминат од Ирак, САД зад себе оставаат суверена, стабилна земја, кажа Обама, кој рече и дека по такво „неверојатно достигнување“, иднината на Ирак сега е во рацете на ирачкиот народ.
Обама подвлече дека силите одолеаја на жестоки борби, самоубиствени и снајперски напади. Тој оддаде почит на околу 4.500 американски војници кои загинаа во 9-годишната војна во Ирак, вклучувајќи преку 200 од Форт Брег.
Американските сили целосно ќе се повлечат од Ирак на 31-ви декември годинава. Војната во Ирак што започна во март 2003-та година однесе и десетици илјади ирачки животи.
Во средата во градот Фалуџа, стотици излегоа на улиците да го прослават повлекувањето на американските сили од Ирак. Тие извикуваа слогани, носеа плакати, а некои палеа американски и израелски знамиња. Фалуџа, западно од Багдад, своевремено беше центар на бунтовничките сили кои се бореа против американските единици.
Ирачкиот премиер Нури ал-Малики, кој во понеделникот се сретна со претседателот Обама во Белата куќа, објави отворена покана за американските компании да помогнат во обновата на земјата.