Украина вели дека енергетски објекти во Суми биле цел на напади со руски дронови

  • VOA

Украински војник трча да им помогне на земјоделците да го изгаснат запаленото поле во регионот Доњецк, на 16 септември 2024 година

Напади со руски беспилотни летала во текот на ноќта беа насочени кон енергетски објекти во североисточна Украина, соопштија официјални лица денес.

Нападите ја исклучија струјата во регионот Суми, каде што властите соопштија дека украинската воздушна одбрана соборила 16 од беспилотните летала.

Нападот врз Суми беше дел од поширок напад со беспилотни летала, за време на кој украинската војска соопшти дека соборила вкупно 34 од 51 руски беспилотни летала.

Пресретнувани се и над регионите Харков, Херсон, Миколаев и Полтава.

Руското министерство за одбрана денес соопшти дека соборило 15 украински беспилотни летала над регионот Брјанск, каде што властите не пријавиле штета или жртви.

Друго украинско беспилотно летало го нападна рускиот регион Курск.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, изјави за новинарите денес дека Русија ја зголемува големината на својата армија поради „заканите“ долж границите на земјата.

„Тоа е предизвикано од крајно непријателското опкружување на нашите западни граници и нестабилноста на нашите источни граници. Ова бара да се преземат соодветни мерки“, рече Песков.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера нареди на својата војска да го зголеми бројот на војници за 180.000, со што вкупниот број ќе достигне 1,5 милиони.

Путин последен пат повика на зголемување на војниците во декември.

Потегот доаѓа додека руските сили се обидуваат да ги потиснат украинските сили кои се преселија во рускиот регион Курск на почетокот на август.

Руската војска вчера соопшти дека ја вратила контролата врз две села во Курск, Успеновка и Борки.

Гувернерот на Курск Алексеј Смирнов најави евакуација на селата во областите Рилски и Хомутовски, кои се наоѓаат на околу 40 километри северно од Успеновка.

Во соопштението на Телеграм не се дадени многу детали за причината за наредбата, освен што се вели дека тоа е за да се осигура безбедност.

Вчера, исто така, Украина ги повика Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст да испратат тимови во областите на Курск, под украинска контрола, за да ја проценат ситуацијата таму.

Русија брзо одговори нарекувајќи ја акцијата на Украина „провокација“.

Портпаролот на ОН Стефан Дујарик подоцна во Њујорк изјави дека ОН се „подготвени да го направат тоа“, но дека ќе им треба овластување од Русија за да оствари таква посета.

Некои информации во текстот се од Ројтерс, Асошиетед прес и Франс-прес