Главниот украински обвинител рече дека добил разузнавачки информации кои укажуваат дека рускиот претседател Владимир Путин може да присуствува на самитот на Г-20 во Бразил следниот месец, и ги повика тамошните власти да спроведат налог за негово апсење доколку тој се појави.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг издаде налог за апсење на Путин во март 2023 година, приближно една година по руската целосна инвазија на Украина, обвинувајќи го за воено злосторство за депортирање деца.
Русија ги негира наводите за воени злосторства, а Кремљ го отфрли налогот на МКС како „ништовен и неважечки“.
На прашањето дали е донесена одлука дека Путин ќе присуствува на состанокот на 20 водечки светски економии, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, во понеделникот им рече на новинарите: „Не. Кога ќе биде донесена одлука, ќе ве известиме“.
Украинскиот јавен обвинител Андриј Костин во интервју за Ројтерс изјави дека „важно е меѓународната заедница да биде обединета и да бара одговорност од Путин“.
Поради „информациите дека Путин може да присуствува на самитот на Г-20 во Бразил, би сакал да повторам дека е обврска за бразилските власти како држава членка на Римскиот статут да го уапсат доколку се осмели да го посети“, рече Костин, мислејќи на договор со кој е основан МКС.
„Навистина се надевам дека Бразил ќе го уапси, потврдувајќи го својот статус на демократија и правна држава“, рече тој.
Ако не се стори тоа, ризикува да се постави преседан според кој лидерите обвинети за злосторства можат неказнето да патуваат, рече тој.
Бразил му испрати на Путин стандардна покана за состаноците од 18 до 19 ноември во Рио де Жанеиро на групата Г-20, но не доби индикации дека планира да присуствува, според двајца бразилски владини претставници.
Канцеларијата на обвинителот на МКС одби да коментира.
Портпаролот на судот повтори дека се потпира на државите - членки и другите партнери за извршување на неговите одлуки, вклучувајќи ги и налозите за апсење.
Земјите-членки „имаат обврска да соработуваат во согласност “ со основачкиот договор на судот, изјави портпаролот Фади Ел Абдалах.
Помеѓу шесте руски функционери кои се под налог на МКС се и комесарката за правата на децата Марија Лвова-Белова, поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу и Виктор Соколов и Сергеј Кобилаш, кои се обвинети за насочување напади врз цивилни локации.
И покрај потерницата на МКС, Путин во септември отиде во официјална државна посета на Монголија, чијшто неуспех да го уапси беше критикуван од Украина како удар за меѓународната правда.
Меѓутоа, минатата година Путин се држеше настрана од состанокот на земјите од БРИКС во Јужна Африка и присуствуваше на Интернет.
МКС, со 124 земји-членки, е основан во 2002 година за да ги гони воените злосторства, злосторствата против човештвото, геноцидот и злосторството на агресија кога земјите-членки не сакаат или не можат сами да го сторат тоа.