Треба да се забрза влезот на Западен Балкан во ЕУ, кажа Герапетритис во Вашингтон

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис и американскиот државен секретар Eнтони Блинкен се ракуваат за време на стратешкиот дијалог во Стејт департментот, на 9 февруари 2024 година во Вашингтон

Пристапувањето на Западен Балкан во Европската Унија (ЕУ) ќе биде позитивен развој не само за земјите од овој регион, туку и за Грција и ЕУ, рече грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, на настан за иднината на Европа на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.

САД и Грција вчера го оддржаа петтиот стратешки дијалог, а во делот за регионалните политички и економски прашања, двете страни разговараа и за европската интеграција на Западниот Балкан.

Герапетритис рече дека перспективата на Западен Балкан и влезот во ЕУ„ треба да се забрза како кулминација на процесот што започна со Самитот во Солун во 2003 година“.

Тој кажа дека Грција веќе ја промовира енергетската безбедност во Европа, и оти инфраструктурата и цевководите за интерконекција со другите земји од Балканот и Медитеранот веќе биле имплементирани или планирани.

„Инфраструктурата за течен природен гас во Александрополи се очекува да биде целосно оперативна наскоро, која ќе ги снабдува Балканот и Источна Европа со природен гас“.

Претседателот на Организацијата за европска политика на Универзитетот Џорџтаун Василис Куцумпас, рече дека Грција „не само што се стреми кон уникатните проблеми со кои се соочува земјата, туку и развива и спроведува агенда за справување со заедничките предизвици на нашата глобална заедница, како што е проширувањето на ЕУ со Западен Балкан“.

Стејт департментот вчера соопшти дека САД и Грција имаат намера да продолжат да ја промовираат „регионалната интеграција, владеење на правото, добрососедските односи, стабилноста и безбедноста во регионот на Западен Балкан и Источниот Медитеран“.

Западниот Балкан беше тема на разговор и за време на третиот стратешки дијалог САД - Грција во 2021 година.

Државниот секретар Ентони Блинкен тогаш ја поздрави „конструктивната улога што Грција ја игра во поддршката на регионалната интеграција на Западен Балкан“.

Блинкен зборуваше за демократијата и регионалната стабилност на Западен Балкан во Брисел во ноември минатата година, на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, пред да отиде во Скопје на министерскиот самит на ОБСЕ.

„Секретарот Блинкен ќе ја истакне цврстата посветеност на НАТО кон Украина во нејзината борба против руската агресија, ќе ја нагласи нашата поддршка за демократијата и регионалната стабилност на Западен Балкан и ќе разговара за приоритетите на Самитот во Вашингтон во јули 2024 година“, изјави тогаш портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.