Трамп потпиша низа одредби: Повлекување од СЗО, помилувања за упадот во Конгресот, трансродови ограничувања, стоп за илегалната имиграција

Американскиот претседател потпиша низа одредби на првиот ден, а една од нив е повлекување од Светската здравствена организација. Фото: Доналд Трамп во Белата куќа, на 20 јануари, 2025.

Повлекување од Светската здравствена организација, 1.500 помилувања за упадот во Конгресот, ограничувања за трансродовите различности, стоп за илегалната имиграција, засилено дупчење за нафта и гас се дел од извршните одредбите што ги потпиша Трамп на првиот ден од новиот мандат

После само неколку часа од инаугурацијата, Доналд Трамп, како 47-ми претседател на САД, потпиша низа изврши одредби со кои новата администрација дава нови насоки во речиси сите пори на американското општество, почнувајќи од енергија, имиграција, па до криминални помилувања, федерална ефикасност, родови слободи.

Во продолжение некои од клучните извршни одредби потпишани на првиот ден од враќањето на Трамп на функцијата:

Помилувања

Трамп помилува околу 1.500 луѓе кои упаднаа во Американскиот конгрес на 6 јануари 2021 година. Се работи за лица кои ја нападнаа полицијата, во обид да влезат во Конгресот и да ги спречат законодавците да го потврдат неговиот изборен пораз во 2020 година.

„Се надеваме дека ќе излезат вечерва, искрено. Го очекуваме тоа“, рече Трамп после поптишувањето на одредбата.

Со одредбата се скратуваат казните и на 14 членови на десничарските организации „Горди момци“ и „Чувари за заветот“, од кои некои беа осудени и за бунтовнички заговор.

Документот, исто така, го упатува американскиот државен обвинител да се откаже од нерешените случаи поврзани со немирите.

Доналд Трамп, во овалната соба во Белата куќа, ги потпишува првите извршни одредби, неколку часа после инаугурацијата на 20 јануари, 2025

Вонредба состојба против илегалната имиграција

На САД им недостасува способност да апсорбираат голем број мигранти
Извршна одредба

Трамп потпиша наредби за прогласување на Национална вонредна состојба на границата меѓу САД и Мексико, а со цел да се спречи илегалната имиграција. Воедно криминалните картели ги означи како терористички организации. Одредбата ги таргетира и државјанствата на децата родени во САД, чии родители влегле илегално во земјата.

Одредбата значи и ревизија на безбедноста за да се види дали патниците од одредени нации треба да бидат предмет на забрана за патување.

„На САД им недостасува способност да апсорбираат голем број мигранти“, се вели во наредбата.

Поништување на 78 извршни одредби од Бајден

Трамп укина 78 извршни дејствија на претходната администрација.

„Ќе отповикам речиси 80 деструктивни и радикални извршни дејствија на претходната администрација“, рече Трамп.

Трамп, исто така, рече дека ќе потпише наредба со која ќе се наложи секоја агенција да ги зачува сите записи кои се однесуваат на „политичките прогони“ под администрацијата на Бајден.

Една од одредбите опфаќа и забрана за нови владини вработувања, како и наредба за укинување на работењето од далечина во владините агенции. Фото: Зградата на Стејт департментот, на 7 декември 2024

Замрзнување на владините вработувања, враќање на работните места

Трамп потпиша наредби за замрзнување на вработувањата во федералните агенции и владини служби. Потпиша и одредба со која го укинува работењето од далечина и се бара од федералните работници веднаш да се вратат на работа со полно работно време.

Трамп рече дека привременото замрзнување на вработувањата е за да се осигура дека се вработуваат само компетентни луѓе кои се верни на американската јавност.

Потегот ќе принуди голем број владини службеници да ја загубат можноста за работа од далечина, трендот што започна во раните фази на пандемијата COVID-19.

Со една од одредбите, владините служби ќе признаваат само два пола, машки и женски. Фото: Знаме Виножито, симбол за LGBTQ+ заедницата, Њујорк, 2017 година

Ограничувања во трансродова различност и инклузија

Трамп, исто така, ги укина извршните наредби кои промовираа трансродова различност, правичност и инклузија (DEI) и ги промовираа правата за ЛГБТКју+ (LGBTQ+) лицата и расните малцинства.

Меѓу 78-те укинати извршни дејствија се и мерките кои даваа поддршка на расната еднаквост и борба против дискриминацијата на хомосексуалците и на трансродовите лица.

Според една од одредбите федералната влада ќе признава само два непроменливи пола: машки и женски. И тие треба да се дефинираат врз основа на тоа дали луѓето се родени со јајце клетки или сперматозоиди, наместо според структурата на нивните хромозоми.

Според наредбата, федералните затвори и засолништа за мигранти и жртви на силување ќе бидат поделени според полот, како што е дефинирано во одредбата.

Трамп смета дека претходната администрација го осиромашила американскиот граѓанин. Фото: Обраќање на Доналд Трамп за време на инаугурацијата, додека претходниот претседател, Џо Бајден го слуша неговиот говор, на 20 јануари во Вашингтон.

Инфлација

Трамп им нареди на сите извршни оддели и агенции да достават итни олеснувања за цените во САД и да го зголемат просперитетот на американскиот работник.

Мерките вклучуваат намалување на регулативите и климатските политики кои ги зголемуваа трошоците и пропишуваат активности за намалување на трошоците за домување и проширување на понудата за домување.

„Во текот на изминатите четири години, деструктивните политики на администрацијата на Бајден му нанесоа историска инфлациска криза на американскиот народ“, се вели во наредбата.

Повлекување од Парискиот климатски договор

Интересите на САД и на американскиот народ на прво место
Текст од извршна одредба

Трамп, исто така, потпиша повлекување од Парискиот климатски договор. Одредбата вклучува и писмо до Обединетите нации со кое се објаснува повлекувањето.

„Политиката на мојата администрација е да ги стави интересите на САД и американскиот народ на прво место“, се вели во наредбата.

Трамп го укина меморандумот на Бајден од 2023 година, со кој беше забрането дупчење нафта на околу 16 милиони хектари на Арктикот. Новиот американски претседател нагласи дека владата треба да го охрабри истражувањето и производството на енергија на територијата на САД. Со одредба го елиминира и обврзувачкото производство на електрични возила.

Според американскиот претседател, СЗО погрешно се справила со пандемијата на Ковид19. Фото: Доналд Трамп потпишува извршни одредби во Белата куќа на 20 јануари, 2025

Повлекување од Светската здравствена организација

Со една од потпишаните одредби, Трамп ги повлече Соединетите држави од Светската здравствена организација. Во објаснувањето Трамп истакна дека глобалната здравствена агенција погрешно се справила со пандемијата COVID-19 и со други меѓународни здравствени кризи.

Планот означува пресврт во глобалната здравствена политика на САД и го изолира Вашингтон од меѓународните напори за борба против пандемии.

Илон Маск ќе биде лидер на советодавната група DOGE, чија задача е да изработи план за ефикасност на владините служби. Фото: Илон Маск на инаугурацијата на Доналд Трамп во Вашингтон, на 20 јануари, 2025 година

Ефикасност на владините служби - група DOGE

Трамп потпиша извршна одредба за создавање советодавна група наречена Оддел за владина ефикасност (DOGE), чија цел е да изврши значителни намалувања во владините трошоци.

Групата ја води извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, кој најави грандиозни цели како затворање на цели федерални агенции и намалување на три четвртини од работните места во владините агенции.

Оваа одредба веднаш поттикна и бројни тужби од засегнати страни, а со кои се оспоруваат нејзините цели.

Таргетирање на „Длабоката држава“

Претседателот потпиша документ со кој се става крај на своевиден прогон на владата против политичките противници.

Наредбата го упатува државниот обвинител да ги испита активностите на федералната влада во последните четири години, вклучително и во Министерството за правда, Комисијата за хартии од вредност и Федералната трговска комисија за време на претходната администрација.

Слобода на говорот

Федералната влада ги прекрши уставно заштитените права за слобода на говорот
Соопштение од Белата куќа

Трамп потпиша извршна наредба за која рече дека има за цел „да ја врати слободата на говорот и да стави крај на федералната цензура“.

„Под превезот на борба против 'погрешни информации', 'дезинформации', и 'штетни информации', Федералната влада ги прекрши уставно заштитените права за слобода на говорот на американските граѓани“, соопшти Белата куќа.

Трамп и неговите републикански сојузници ја обвинија администрацијата на поранешниот претседател Бајден дека охрабрува сузбивање на слободата на говор на онлајн платформите.

Со новите одредби од Доналд Трамп се отвора пат за дупчење за нафта и гас на Алјаска, а кое беше ограничено со одредбите од администрацијата на Џо Бајден. Фото: Нафтовод на Алјаска.

Вонредна енергетска состојба - дупчење за нафта и гас

Трамп прогласи Вонредна енергетска состојба на национално ниво, ветувајќи дека ќе ги пополни националните резерви на нафта, како и дека ќе извезува американска енергија низ целиот свет.

Тој претстави сеопфатен план за максимизирање на производството на нафта и гас во САД. Трамп рече дека очекува наредбите да помогнат да се намалат цените за енергијата и да се подобри националната безбедност на САД.

Тој, исто така, потпиша наредби насочени кон промовирање на дупчењето за нафта и гас во Алјаска.

Забрана за „ТикТок“

Трамп потпиша наредба за одложување на забраната за 75 дена на популарната апликација за кратки видеа TikTok, која требаше да биде затворена на 19 јануари.

Како што истакна Трамп, ќе се даде можност апликацијата да добие американско сопствеништво.

Дел од информациите во овој извештај се преземени од Ројтерс