„Ова е многу добра шанса нашата делегација на чело со премиерот Мицкоски да побара недвосмислена и директна американска поддршка на претстојните активности на полето на нашата евроинтеграција“, вели професорот по уставно право и политички науки, Јове Кекеновски.
„Присуството на македонскиот премиер Христијан Мицкоски на инаугурацијата на 47-миот претседател на САД, Доналд Трамп, која е главна тема и на меѓународната политичка сцена е исклучително добра вест за нашата држава и успех за македонската дипломатија, уште повеќе, што за првпат премиер на владата на Македонија е поканет да присуствува на овој настан во Вашингтон“,вели Антонио Милошоски, поранешен министер за надворешни работи.
Според него, ова македонската држава треба да го искористи во насока на продолабочување на односите со САД.
„Склученото стратешко партнерство од 2008-ма година, во комбинација со личните познанства меѓу премиерот Мицкоски и неколку членови на владата со дел од блиските соработници на претседателот Трамп, претставува солидна основа за продлабочување на македонско-американските односи, особено во областа на економијата, безбедноста, енергетиката и подобро усогласување на дипломатските активности во области од заеднички интерес“, изјави Антонио Милошоски, поранешен министер за надворешни работи.
Милошоски додава дека „во овој динамичен свет кој многу брзо се менува, добро е што преку премиерот, Македонија е присутна во Вашингтон и го зајакнува партнерство и довербата со САД, земјата која има најголем потенцијал во обликувањето на меѓународната политика“.
Професорот по уставно право и политички науки, Јове Кекеновски, вели дека одењето на македонската делегенција на инагурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е ретка и убава можност земјава уште еднаш да ја потврди почитта и доследната и искрена поддршка и соработката со американските власти како пред така и во периодот по стапување на должност напретседател на Доналд Трамп.
„Иако со оглед на бројните манифестации кои ќе се одржуваат овие два дена можно е да дојде само до протоколарна и куртоазна средба со Трамп, сепак тука се многуте контакти и состаноци кои ќе ги има нашата делегација со идните негови најблиски соработници на кои ќе можат директно да разговараат за се што е од меѓусебен и поширок интерес. Ова е многу добра шанса нашата делегација на чело со премиерот Мицкоски да побара недвосмислена и директна американска поддршка на претстојните активности на полето на нашата евроинтеграција“, вели Јове Кекеновски, универзитски професор по уставно право и политички науки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
Кекеновски додава дека е умесно, но и корисно да се побара поддршка од САД во однос на ЕУ.
„Поточно за нивно лобирање кај земјите членки на ЕУ за одложување на нашите уставни измени и добивање на посигурна гаранција дека нема да имаме други пречки и илузорни барања од Бугарија, но и од евентуално другите соседи. Секако дека ова е поради фактот дека влијанието на САД и Трамп врз ЕУ во иднина ќе биде сосема подиректно, повлијателно и попочитувано за разлика од влијанието на САД во времето на Бајден. Убаво е да замоли Доналд Трамп или неговите највискои функционери да споменанат пред властите на ЕУ дека билатералните спорови не треба да бидат пречка за нашата евроинтеграција исто онака како што не влијаеа кога Хрватска стануваше членка на ЕУ. Исто така, а тоа го најави премиерот сметам дека оставрените контакти ќe бидат и во насока на привлекување странски инвестиции во нашата држава“, рече Кекеновски.
Според Кекеновски, самата покана како и присутвото на инагурацијата е очигледен доказ дека легитимно и легално избраната македонска власт ја има максималната поддршка од американските власти во борбата за справување и решавање на проблемите кои се наталожени со години наназад посебно со криминалот и корупцијата на највиско ниво.
Инаку како што веќе соопштија од Владата, претседателот, Христијан Мицкоски во САД ќе биде придружуван од министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заменик-претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков во Вашингтон и оти ќе присуствуваат на инагурациската церемонија на новиот американски претседател Доналд Трамп.
„Делегацијата предводена од македонскиот премиер Мицкоски ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“. Очекувањата се дека за време на престојот премиерот Мицкоски ќе оддржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател“, соопштија од Владата на Република Северна Македонија.
Исто така премиерот Мицкоски ќе има средба и со бизнисмени со македонско потекло каде ќе стане збор за економска соработка и можни домашни инвестиции.
„Имав средба со Ричард Гренел, поранешниот шеф на Националната разузнавачка служба, а сега во новата администрација нов претседателски пратеник за специјални мисии и политика. Разговаравме за актуелните случувања, за предизвиците со кои се соочуваме како држава и нашето остварување на стратешките интереси врзани со членството во Европската Унија. Воедно побарав поголемо ангажирање од нашите стратешки партнери на тој план, како и искористување на потенцијалите на економски план“, информираше премиерот Христијан Мицкоски.
Facebook Forum