Поранешни претседатели на САД, бизнисмени, политички претставници, припадници на американските безбедносни сили и голем број видни гости се присутни во ротондата на американскиот Капитол, каде што денеска Доналд Трамп дава заклетва за 47ми претседател на САД.
Влегувањето на Трамп во ротондата на американскиот Капитол беше пречекано со овации од присутите. Претходно, таму пристигна и досегашниот претседател на САД, Џо Бајден, во придружба на потпретседателката Камала Харис.
На церемонијата се присутни и Бил Клинтон, заедно со неговата сопруга и поранешна противкандидатка на Трамп, Хилари Клинтон. Меѓу гостите е и поранешниот претседател Барак Обама.
Церемонијата се одржува во затворен простор, што е реткост во американската историја. Првично, за настанот на отворено се очекуваа околу 250.000 луѓе на Националното шеталиште.
Откажана е и вообичаената прошетка на новиот претседател низ улиците на Вашингтон.
Настан од сличен тип ќе се одржи во спортската арена „Capital One“, каде се очекува Трамп да им се обрати на околу 20.000 присутни лица.
Како што извести нашата новинарка, Милена Ѓоргиевска, сите лица кои ќе присуствуваат на настанот во спортската арена, поминуваат низ детални безбедносни проверки.
Улиците низ Вашингтон, во околината на американскиот Капитол се барикадирани со железни и бетонски огради. Сепак, на Националното шеталиште се собраа приврзаници на Трамп, со препознатливите реквизити и натписи „Америка повторно голема“.
Според американските закони, мандатот на новиот претседател почнува точно на пладне, односно после искажаната заклетва.
Facebook Forum