Србија ја отфрли одговорноста за експлозијата во канал во Косово

Косовските власти соопштија дека полицијата уапсила осум лица по експлозијата во петокот во северниот дел на државата населен со Срби, што се случила во канал што испраќа вода до нејзините две главни централи

Србија вчера отфрли каква било одговорност за силната експлозија која привремено го прекина снабдувањето со вода и електрична енергија на големи делови од соседно Косово, при што српскиот претседател тврди дека таквите обвинувања се дел од „хибридната“ војна против неговата земја.

Косовските власти соопштија дека полицијата уапсила осум лица по експлозијата во петокот во северниот дел на државата населен со Срби, што се случила во канал што испраќа вода до нејзините две главни централи.

Приштина ја нарече експлозијата „терористички чин“ спроведен од Србија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги отфрли тие обвинувања.

„Во петокот имаше обид за голем хибриден напад врз нашата земја“, рече Вучиќ.

„Белград и Србија немаат никаква врска со тие настани“.

Популистичкиот српски лидер сугерираше дека Косово стои зад нападот, но рече дека ќе се воздржи од директно обвинување на косовскиот премиер Албин Курти во очекување на истрага спроведена од Белград.

Нема да кажам дека Курти директно го наредил нападот, рече Вучиќ.

„Истрагата ќе покаже, имаме одредени сомнежи. Веруваме дека имаме одредени сознанија кој би можел да биде сторителот“.

„За време на таа таканаречена антитерористичка операција, специјалните сили на Курти окупираа нови раскрсници и улици, малтретирајќи Срби и сето тоа беше шоу за меѓународната јавност“, рече Вучиќ.

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека неодамнешните напади во Косово - на воден канал, зграда на градското собрание и полициска станица - се поврзани со неодамнешните напади од Русија во Украина.

„Тој напад има корелација со масовните воздушни напади на Руската Федерација против Украина, напади чија цел беше енергетската инфраструктура во Украина“, рече тој на прес-конференција во неделата.

Косовската полиција изврши рација на 10 локации на северот, конфискувајќи повеќе од 200 воени униформи, шест ракетни фрлачи, долго оружје, пиштоли и муниција, рекоа тие.

Според началникот на косовската полиција Газменд Хоџа, околу 15 до 20 килограми експлозив биле употребени за да се оштети критичната инфраструктура.

Полицијата пронашла и многу амблеми на руските специјални сили и знамиња на руската империја, според Курти, додавајќи дека „Србија ги копира руските методи за да му се заканува на Косово и регионот воопшто“.

Експлозијата дополнително ги подгреа тензиите меѓу двете балкански држави.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, која Белград не ја признава.

Поголемиот дел од српското малцинство кое живее во Косово сè уште го смета Белград за свој главен град.

Европската Унија и САД остро ја осудија експлозијата и побараа сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.