Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс се сретна со косовскиот премиер Албин Курти, по неговото враќање од САД каде што присуствуваше на претседателската конвенција на Демократската партија во Чикаго.
Владата на Косово соопшти дека посетата на директорот на ЦИА претставува важен историски момент во билатералните односи.
„Владата на Косово многу ја цени историската посета на Вилијам Барнс. Тоа е доказ за силни и стабилни односи меѓу двете земји и е можност за продлабочување на стратешката соработка, за мир и безбедност во регионот и пошироко“, се вели во соопштението.
Барнс беше во Косово во времето на противењето на американската влада на одлуките на премиерот Курти поврзани со северот на Косово и нејзината оценка дека тоа влијае на квалитетот на односите меѓу двете земји.
Вчера, зад затворени врати, тој разговараше со претседателката Вјоса Османи и со претставници на косовските безбедносни институции.
Деталите за посетата не беа објавени, а претседателката Османи на социјалната мрежа Фејсбук објави дека, како што наведе, сојузот со САД е гаранција за безбедност, мир и успех.
Директорот на ЦИА беше во Приштина во рамките на неговата посета на регионот, при што ги посети и Сараево и Белград.
Не е познато со кого се сретнал во Србија, додека во Сараево разговарал со претставници на политичките и безбедносните агенции.
Според американските власти, теми на разговор во главниот град на Босна и Херцеговина биле реториката на поделба и потезите на Милорад Додик, претседателот на Република Српска, кој одржува блиски врски со Москва и Белград.
Истовремено, на Западот постои страв дека Москва се обидува да ја дестабилизира БиХ и остатокот од Западен Балкан, со цел делумно да го оттргне вниманието од агресијата врз Украина, која трае повеќе од две години.
Одговарајќи на посетата на Барнс, Додик на социјалната мрежа „Икс“ објави дека Република Српска никогаш не го доведувала во прашање суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина согласно Дејтонскиот договор.
„Сецесијата никогаш не била наша политика. Но, Република Српска има право да води политичка борба за својот статус, според Дејтонскиот договор. Босна и Херцеговина е заедница на два еднакви ентитета и три конститутивни народи, затоа ставот на господинот Барнс е охрабрувачки дека одговорноста за функционирањето на земјата им припаѓа на сите етнички заедници“, напиша Додик.
Тој во четвртокот во Белград разговараше со претседателот на Србија Александар Вучиќ. Најавено е дека анализирале глобални и регионални прашања.
Инаку, Додик е под санкциите на САД и Велика Британија.
САД го сметаат за одговорен за поткопување на Дејтонскиот мировен договор, кој стави крај на војната во Босна од 1992 до 1995 година, во која загинаа повеќе од 100.000 луѓе, а милиони беа раселени.
Босна и Херцеговина се состои од два автономни региона и еден округ: Република Српска, Федерацијата на Босна и Херцеговина и Брчко, кои се поврзани со централните власти во Сараево.