Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) денес го поддржа предлогот на претседателот Џо Бајден за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во појасот Газа и ги повика палестинските милитанти да го прифатат договорот, кој има за цел да стави крај на осуммесечната војна.
Хамас го поздрави усвојувањето на резолуцијата подготвена од САД и во соопштението рече дека е подготвен да соработува со посредниците за спроведување на принципите на планот.
Русија се воздржа од гласањето во ОН, додека преостанатите 14 членки на Советот за безбедност гласаа за резолуцијата за поддршка на трифазен план за прекин на огнот, поставен од Бајден на 31 мај, кој тој го опиша како израелска иницијатива.
„Денес гласавме за мир“, рече американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд пред Советот по гласањето.
Резолуцијата го поздравува новиот предлог за прекин на огнот, наведува дека Израел го прифатил, го повикува Хамас да се согласи со него и „ги повикува двете страни целосно да ги применат неговите услови без одлагање и без услов“.
Алжир, единствениот арапски член на Советот, ја поддржа резолуцијата бидејќи „ние веруваме дека таа може да претставува чекор напред кон непосреден и траен прекин на огнот. Тоа им нуди трошка надеж на Палестинците. Време е да се запре убиството“.
Резолуцијата, исто така, навлегува во детали за предлогот и наведува дека „ако преговорите траат подолго од шест недели за првата фаза, прекинот на огнот сè уште ќе продолжи се` додека траат преговорите“.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес го притисна Хамас да каже „да“ за прекин на огнот.
Амбасадорката Томас-Гринфилд рече дека гласањето му покажало на Хамас дека меѓународната заедница е обединета.
„Обединети зад договорот што ќе спаси животи и ќе им помогне на палестинските цивили во Газа да почнат да се обновуваат и заздравуваат. Обединети зад договорот што повторно ќе ги обедини заложниците со нивните семејства, по осум месеци во заробеништво“, рече таа.
Советот во март побара итен прекин на огнот и безусловно ослободување на сите заложници што ги држи Хамас.
Со месеци, преговарачите од САД, Египет и Катар се обидуваат да посредуваат за прекин на огнот.
Хамас вели дека сака траен крај на војната во појасот Газа и израелско повлекување од енклавата со 2,3 милиони луѓе. Израел му возвраќа на Хамас, кој владее со Газа, поради нападот на неговите милитанти на 7 октомври.
Повеќе од 1.200 луѓе беа убиени и над 250 земени како заложници од Хамас на 7 октомври, според израелските податоци.
Се верува дека повеќе од 100 заложници остануваат заробени во Газа.
Израел изврши воздушен, копнен и поморски напад на палестинска територија, при што загинаа повеќе од 37.000 Палестинци, според здравствените власти во Газа.