САД бараат гласање за нивната нацрт-резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се бара Хамас да го прифати предложениот договор за прекин на огнот, додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска треба да се сретне со лидерите во Египет и Израел во обид да постигне прекин во борбите.
Блинкен разговара со египетскиот претседател Абдел Фатах Ел-Сиси во Каиро, а подоцна оди во Израел за да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант. Патувањето на највисокиот американски дипломат ќе го однесе и во Катар и во Јордан, каде што ќе присуствува на конференција фокусирана на хуманитарна помош за Газа.
Американските власти рекоа дека Израел ќе го прифати предлогот за прекин на огнот, кој вклучува првичен прекин на борбите, ослободување на некои заложници од Газа, ослободување на палестинските затвореници држени во Израел, зголемена хуманитарна помош за Палестинците, повлекување на израелските трупи од населените области на Газа и враќање на палестинските цивили во нивните домови и населби.
Хамас го нема прифатено ниту одбиено овој план, кој американскиот претседател Џо Бајден јавно го објасни пред повеќе од една недела.
Нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН се обидува да додаде притисок врз Хамас, а истовремено ги повикува Хамас и Израел целосно да го спроведат договорот за прекин на огнот „без одлагање и без услови“, се наведува во текстот во кој имаше увид Гласот на Америка.
„Израел го прифати овој предлог и Советот за безбедност има можност да зборува со еден глас и да го повика Хамас да го стори истото“, се вели во соопштението на мисијата на САД во Обединетите нации доцна во неделата. „Тоа ќе помогне да се спасат животи и страдања на цивилите во Газа, како и на заложниците и нивните семејства. Членовите на Советот не треба да дозволат оваа можност да помине и мора да зборуваат со еден глас за поддршка на овој договор“.
Втората фаза од предложениот договор за прекин на огнот предвидува траен прекин на непријателствата, целосно повлекување на израелските трупи и враќање на сите преостанати заложници. Последната фаза вклучува повеќегодишни напори за реконструкција на Појасот Газа, од кој голем дел е уништен од осуммесечно израелско бомбардирање.
Војската на САД вчера продолжи со воздушни фрлања на хуманитарна помош во северниот дел на Појасот Газа, откако го прекина тој начин на испорака на крајот на мај поради, како што наведе војската, неповолните временски услови и израелските воени операции во областа.
Шефот на Светската програма за храна Синди Мекејн вчера изјави дека организацијата ја прекинува својата работа со дистрибуција на помош донесена на пристаништето, велејќи за емисијата „Face the Nation“ на „CBS“ дека „сме загрижени за безбедноста на нашите луѓе“. Мекејн рече дека две складишта на агенцијата биле погодени со ракети.
„Се повлековме во моментот“, рече Мекејн и додаде „сакаме да се увериме дека имаме безбедни услови и дека сме на безбеден терен пред да почнеме повторно. Но, остатокот од земјата е оперативен. Правиме се што можеме на северот и југот“.
Светската програма за храна минатата недела ги повтори своите повици за подобар пристап до помошта, вклучително и Израел да ја олесни испораката на снабдување преку преминот Керем Шалом и хуманитарните организации да имаат „безбеден и непречен пристап за да стигнат до сите цивили на кои им е потребна помош низ Газа“.
Терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври резултираше со смрт на околу 1 200 луѓе во Израел, главно цивили, според официјалните израелски податоци. Милитантите на Хамас зедоа околу 250 заложници, од кои 116 остануваат на палестинска територија, вклучително и 41 што армијата вели дека се мртви.
Во воениот одговор на Израел загинаа најмалку 37 000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа, кое не прави разлика меѓу борци и цивили во своите бројки.
Дел од информациите се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс-прес.