Линкови за пристапност

Има причина да се верува дека Нетанјаху ја одолжува војната да се спаси политички, вели Бајден


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху присуствуваше на церемонијата на положување венци по повод Денот на сеќавањето на Холокаустот во Ерусалим
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху присуствуваше на церемонијата на положување венци по повод Денот на сеќавањето на Холокаустот во Ерусалим

Американскиот претседател Џо Бајден, кој се` повеќе го критикува однесувањето на Израел во неговата војна против милитантите на Хамас во Газа, додека бројот на жртвите меѓу Палестинците расте, во ново интервју вели дека има причина да се верува дека премиерот Бенјамин Нетанјаху го одолжува конфликтот да се спаси себеси политички.

Како што војната се ближи до осум месеци, израелскиот лидер се соочува со спротивставени барања од Бајден и другите светски лидери да го прекинат конфликтот, додека десничарските пратеници во израелскиот парламент велат дека ќе ја напуштат поддршката за Нетанјаху и ќе ја нарушат неговата влада доколку тој се согласи за прекин на огнот, без бришење на последните знаци од контролата на Хамас во Газа.

Бајден минатата недела објави израелски предлог за прекин на огнот во Газа и се заложи за негова поддршка од светот.

Но, Хамас допрва треба да се согласи со тоа, а Нетанјаху оттогаш е резервиран во своите коментари. Неколку дена претходно, магазинот „Тајм“ го праша Бајден во интервју дали верува дека Нетанјаху ја одолжува војната за политичко самоодржување.

„Постојат сите причини луѓето да го извлечат тој заклучок“, одговори Бајден во интервјуто, објавено денес.

Бајден призна дека тој и Нетанјаху имале напнати односи, како што бројот на загинати во Газа се искачи над 36.000, бројка што вклучува цивили и борци.

Тие особено не се согласуваат околу тоа дали ревитализираната палестинска управа треба да управува со Газа по војната, нешто што САД го фаворизираат, а Нетанјаху го отфрла без да понуди детален сопствен план.

„Моето големо несогласување со Нетанјаху е, што се случува откако... Газа ќе заврши? Што, на што се враќа? Дали израелските сили се враќаат внатре?“, праша реторички Бајден.

„Одговорот е, ако е така, не може да функционира“, рече тој.

Судбината на предлогот за запирање на борбите во Газа на шест недели и зголемување на хуманитарната помош, додека Хамас ослободува некои заложници што ги држи во замена за Палестинците затворени во Израел, денес остана неизвесна.

Хамас допрва треба да одговори на предлогот, израелските власти се сомневаат во некои детали, а САД бараат поддршка од Советот за безбедност на ОН за прифаќање и спроведување на договорот.

Нацрт-резолуцијата на САД, видена од Гласот на Америка, го повикува Хамас целосно да го прифати и спроведе предлогот за прекин на огнот „без одлагање и без услов“.

Нацртот вели: „Брзата имплементација на овој договор ќе овозможи прекин на огнот, повлекување на израелските сили од населените области во Газа, ослободување на заложниците, пораст на хуманитарната помош, обновување на основните услуги и враќање на палестинските цивили во северна Газа“.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер, изјави за новинарите вчера, дека Хамас, кој го добил предлогот за прекин на огнот во четвртокот, допрва треба да одговори.

Тој рече дека клучните елементи на предлогот „се речиси идентични со главните елементи на предлогот што Хамас го поднесе пред неколку недели“.

Основниот преглед на договорот вклучува шестнеделен прекин на борбите, ослободување на некои заложници од Газа, дневна испорака на 600 камиони помош за Палестинците и понатамошни преговори со цел да се обезбеди траен крај на конфликтот.

Американските власти вчера повторија дека предлогот за прекин на огнот, иако јавно претставен од Бајден минатата недела, е израелски предлог.

Некои информации за овој извештај дадоа Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG